Систем што овозможува камионите да се напојуваат со струја од жици денес беше пуштен во употреба во Германија. Должината на патот изнесува десет километри, и е прв од овој тип на патишта во Германија, пренесува „Си-ен-ен“.
Произведени од „Сименс“, камионите се поврзуваат за жиците со електрична енергија на сличен начин како кај трамваите, а овозможуваат тие да се движат со брзина од 90 километри на час. Хибридните камиони се прилагодливи, се движат со помош на електричниот мотор кога се поврзани за жиците, а се регулираат со помош на сензор кој препознава дали електричните жици се достапни или не.
Автопатот ги поврзува аеродромот во Франкфурт, кој е глобален товарен центар, и блискиот индустриски парк. Наскоро ќе бидат отворени уште два автопати кои ќе работат на овој систем.
Од „Сименс“ објаснуваат дека на овој начин може да се трансформираат и прилагодат патиштата кои веќе постојат и се во употреба, а значително да се намалат емисиите на штетните гасови.
Камионите за овој проект ја чинеа германската влада 70 милиони евра. Од „Сименс“ информираат дека годишно сопствениците на електричните камиони би заштедувале околу 20 илјади евра на гориво.