Чудни мерки на претпазливост
Полицијата во Бали ги казнува луѓето што не носат заштитни маски поради коронавирусот, така што ги принудува да прават склекови среде улица.
Локалните службеници за безбедност, познати како „пекаланг“, неодамна казнувале со склекови во близината на традиционално село, источно од градот Денпасар, пренесува „Дејли мејл“.
На многумина, пак, веќе им се познати воспитните мерки во Индија, каде што полицијата со стапови ги тепа оние што не се придржуваат до пропишаните одредби против ширењето на коронавирусот. Но тоа по сѐ изгледа и натаму не е доволно за некои несовесни жители. Затоа полициските службеници во една од индиските сојузни држави решија да се обидат со поинаков пристап за решавање на проблемот, односно со метод на заплашување.
Пет килограми ориз како казна
На фотографија објавена од „Денпасар нау“ се гледа како човек прави склекови среде улица додека полицајците со службено возило се собрани околу него.
Медиумите известуваат дека склековите се смислени како санкција за да имаат „спречувачки ефект“ врз оние што се обидуваат без маска да влезат во традиционалното село Санур.
На овој начин, полицијата ја издига свеста за новиот закон, кој стапи во сила на 1 мај. Според него, оние што влегуваат во селото без маски ќе се казнат со пет килограми ориз (околу 68 австралиски центи) и општокорисна работа.
Непослушни Индијци во комбе со „заразен“ од корона
Оние што се фатени дека го прекршуваат полицискиот час во Индија, пак, службениците ги ставаат во комбе во кое се наоѓа пациент што боледува од ковид-19. Всушност, тоа е лажен пациент што не е навистина заразен, но на престапниците не им е познат тој детаљ.
Еден ваков случај индиската полиција објави на својот официјален јутјуб-канал.
На видеото се гледа како полицајците запираат тројца мажи што на мотоцикли го прекршуваат полицискиот час. Притоа ниеден од нив не носи маска.
– Луѓето не сфаќаат колку е страшен вирусот затоа што не можат да го видат. Но тој може да биде каде било. Затоа Владата воведе карантин и полициски час – вели еден полициски службеник.