Можеби мислите дека членовите на кралското семејство се разгалени и оти можат да уживаат во храната што ја сакаат. Сепак, не е баш така, пишува британскиот магазин „Хелоу“. Тие, всушност, имаат многу забрани и ограничувања, како и во сѐ друго, така и во храната. Но има и артикли што не се дозволени на кралската трпеза.
Лук: Некои го сакаат, некои не, но нема рамнодушни кога е во прашање лукот. Оваа храна предизвикува карактеристичен здив, со непријатен мирис во текот на целиот ден, па тоа е една од причините зошто лукот е забранет во британскиот двор. Војвотката од Корнвол во една пригода им изјавила на новинарите дека тој секогаш се избегнува во палатата, а тоа го потврдил и некогашниот готвач на кралското семејство Дерен Мекгрејди.
Школки: Во менито на кралското семејство не се наоѓаат ниту школките, поради ризикот од труење. Бившиот батлер на кралското семејство Грант Харолд во една пригода изјавил дека со оваа забрана се чува здравјето на членовите на кралското семејство, особено кога се во странство. Но помладите членови сѐ почесто го кршат ова правило, па, така, принцот Вилијам открил дека сака суши, а принцот Чарлс школки. Сепак, кралицата секогаш се придржува до ова правило.
„Фоа гра“ (паштета од црн дроб на патка или гука) : Овој француски специјалитет е забранет во кралското семејство од 2008 година. Го забранил принцот Чарлс за доброто на животните. Одлуката за овој потег е објавена и на сајтот на организацијата за заштита на животните ПЕТА.
Малку печено месо: Кралицата, наводно, не е љубител на малку печено месо, туку сака тоа да е добро испечено. Тоа исто така го открил бившиот готвач на кралското семејство Дарен Мекгрејди. Исто така, на членовите на кралското семејство им е забрането кога се во странство да јадат храна што содржи сурово месо, за да избегнат труење.
Тестенини: Звучи неверојатно, ама по сѐ изгледа членовите на кралското семејство не се љубители на јаглехидрати што се наоѓаат во оризот, пастите и компирот. Според готвачот Мекгрејди, кралицата не сака тестенини, но јаде оброци што содржат риба, месо и зеленчук.