Воислав Пехчевски е човечко суштество чии микро-телесни честички се родени од времето на создавањето на ѕвездите, родум е од планетата Земја. Дипломиран економист кој се бори против сивилата на секојдневието со неговиот свет полн со бои и стихови.

За почеток, претставете се и кажете ни нешто повеќе за себе?
– За моја голема среќа или несреќа, сум се родил во Македонија, па тука, во малото гратче Берово, решиле да ми дадат име Воислав Пехчевски. Живеам во и од дигиталниот свет на веб-сајтовите, а не се занимавам со уметност, туку тоа е она што го правам кога не сакам да правам ништо друго во овој суров и нешарен свет. Со уметноста, сликањето, пишувањето и со цртањето се обидувам да ја пренесам суровата лажна реалност, но и онаа, вистинската реалност која не се гледа, како и светот од кој сметам дека доаѓам и свет во кој би сакал некогаш да живееме на оваа прекрасна планета. А тоа е еден убав, шарен свет во кој центрите за злоба, завист, алчност, омраза и други деструктивни состојби во мозокот се исклучени.

Делувате на неколку полиња, пишувате поезија, фотографирате, сликате… Кажете ни нешто повеќе за Вашите дела и каде биле претставени на јавноста?
– Морам да го спомнам мојот прв поетски перформанс пред многу години, кој заедно со уште неколку уметници го одржавме во Кафе МФ во Скопје. Едноставно читање, гитара во позадина и подзината публика беа елементите во тие првични поетски подвизи, кои навистина беа едно неверојатно искуство што ме поттикна и мотивираше да продолжам со тоа што го правам. Потоа се случија и следуваа неколку настапи на Астални проекции во Менада, каде што исто така имав неверојатно искуство. Дружењето со многу луѓе на иста бранова должина беше она што, чинам, ни фалеше на сите нас во Скопје. Сепак, мислам дека настаните на „Поетри слем – Македонија“ беа тоа што ме отвори пред публиката, ми ја скроти тремата и сфатив дека тоа е една од работите кои отсекогаш сум сакал да ги правам: само вие, микрофонот и публиката пред вас, тоа е концептот на слем-поезијата со која треба да ја освоите публиката. Имавме неколку настапи во Скопје, Велес, Тетово, а најголем предизвик ми беа двата настапи на „Д-Фестивал“ во Дојран, каде што се соочивме со доста побројна публика, во однос на тоа што се имавме навикнато од претходно.


Мед и крв е песна на Воислав Пехчевски

Мед и крв

Едните нагоре, другите надолу
едните ја обожаваат калта,
другите сакаат небо и крилја
црно и бело, бело и црно
зарем ако го немаше црното ќе постоеше белото?
горе и долу, врв и дно
зарем ако го немаше дното, ќе ги имаше брановите?
ако ја немаше долината, ќе го имаше ли врвот на планината?
едните рептили, другите ангели, помеѓу нив – човекот на крст!
Зарем треба да се мразат, само затоа што се различни?
едните по едниот пат, другите во обратен правец
зарем треба да му судиш на другиот, само затоа што не оди по твојот пат?
Тоа што не оди по твојот пат, зарем значи дека неговиот пат е погрешен?
Мед и крв
нож и пердув
Ерос и Танатос
Рај и Пекол
Џихад
Крстоносни војни
Улици полни со крв и месо
души полни со ништо
рајот во себе
пеколот во себе
демоните во себе
и ангелите во себе
никаква војна надвор
мирот и немирот во себе
среќата и тагата во себе
себе со себе во себе за некогаш да сфати дека е само големо дете?!…
О, пресвети Господине, зарем не сфаќаш дека целата борба е внатре во тебе?


Што Ве поттикна и како почнавте да цртате?
– Треба да го спомнам моментот кога почнав да цртам портрети, тоа беше пред околу десет години, се случи да немам пари за роденденски подарок. Се сетив дека умеам да цртам, а тоа би бил убав подарок кој би останал за цел живот. Така почнав со цртање. Сакам да експериментирам, се имам обидено со повеќе стилови, со различни видови на бои и подлоги. Имам една поважна случка кога станува збор за цртањето. Пред неколку години, кога се случи воената состојба во Украина и младите почнаа да бегаат од државата, одржував контакт со студенти од Украина со кои се знаев. Тие знаеја за моите фотографии и слики, па ме замолија да насликам слика за младите, која ќе ја претставува состојбата на нивната напатена земја. Така се случи сликата со девојката која на своето лице ги има боите на Украина, од очите ѝ течат црни солзи а устата ѝ е зашиена со дебел конец. Фотографија од сликата испратив електронски, а подоцна ми кажаа дека мојата слика, заедно со слики од други држави била претставена на главните вести во Украина во знак на интернационална поддршка.

Во што уживате повеќе, во фотографирањето или во сликањето?
– Фотографијата ја доживувам исто како и сликата. Само начинот на искажување е различен. Тое е сликање само во еден единствен момент. Далеку е од обично и едноставно ако се работи за поента на искажување емоции, чувства или на сопствен свет. Првата изложба на фотографии во која учествував се случи во Скопје во 2011 година во Менада. Тоа беше групна изложба на тема „Стара скопска чаршија“. Не освоив едно од трите места, но затоа добив еднодневен курс по фотографија кој ми беше повеќе вреден од тие три места. Втората изложба ми беше прва самостојна изложба на тема „The way of Creati(on)ivity“, која се случи како производ на еден проект на волонтери од Романија, заедно со Драгица Чобанова како дел од проектот. Кафе Ли беше центарот на настанот во кој претставив спонтани фотографии од Скопје, кои требаше да ја поттикнат креативноста и иницијативноста на младите кои сè повеќе живеат во затворен простор и со главите во малите екрани на мобилните телефони.



Да очекуваме ли некој настап или изложба од Вас во скоро време?
Ексклузивно за читателите на „Нова Македонија“, би открил дел од она што треба да се случи во блиска иднина, а тоа е еден мултимедијален перформанс што го подготвувам, кој на едно место ќе опфати драма, поетски перформанс, изложба на слики и фотографии, и секако, интеракција со публиката. Подготовките на перформансот се сè уште во тек.


Однеси ме!

Земи ме и однеси ме негде далеку од сите!
Остави ме сам, да самувам, тих да тихувам, да се исплачам
Извор да се создаде, река да се роди, од солзи да се напијат
Однеси ме на непознато место
Од чуда катадневно да не куртулам
Зениците – месечини да ми се сторат
Однеси ме таму кај што здивот ќе ми замрзне на полпат
Каде што со времето ќе си играм ко со мастика!
Ќе го џвакам и преџвакувам, за тоа да не ме преџвака мене
Ќе го тегнам и растегнувам, дал в минато ил в иднина
за тоа да не ме растегне мене!
Земи ме, на крилја летни ме
На крајот на светот стокми ме
Крај виножито однеси ме – да видам каде се раѓа
По него да кинисам – да видам кај умира
Однеси ме таму кај што се раѓа Сонцето, а не е исток
Како бебе сакам сонцето да го видам
Светлина да впијам, во бои да се претворам
Однеси ме најдлабоко во космичката утроба
Да видам каде ли животот се зачнува
Однеси ме директно во срцето на љубовта
Сакам да го видам погледот дур се заљубува
И како очите и сјаат под прекривка
Дур со друга љубов се бакнува?
Однеси ме на непостоечко место
Во пулсар претвори
Вечна светлина да дарувам
Засекогаш да треперам
Однеси ме таму каде што вечно ќе спијам
И во сите сништа буден ќе сонувам
Однеси ме во тишината, барем во една цела вечност да бидам таму
За потоа на секој звук ко дете да се радувам
Однеси ме во прегратката на денот и ноќта
Доста играа брканица, сакам конечно заедно да ги видам
Ѕвезди дење да бројам
На Сонцето ноќе да се радувам!
Однеси ме во бескраен раат
Без болка и страдање
За потоа секоја болка и немир
Благослов да ми бидат…