„Воздишка“ е новиот видеозапис на Викторија Лоба, кој се промовира премиерно на нејзиниот јутјуб-канал. Снимен е на познатата вулканска плажа Вајт бич на островот Санторини, Грција. Авторка и музичка продуцентка на песната е Маргарита Сотировска, а Лоба се појавува како текстописка.
– За да се сними спотот, цела екипа специјално чекавме да биде ветровито и облачно времето, за да го доловиме контрастот на невремето со емоцијата што ја пренесувам преку „Воздишка“ – вели Викторија Лоба.
Видеото е продуцирано и режирано од Дарко Митев-Аргона, стајлингот е на креаторот Папаз.
„Воздишка“ е напишана во еден здив, која е дел од новиот албум „Нов свет“.
– Една од моите цели како артист и индивидуа која постојано вложува на професионален и духовен план е да инспирирам и да бидам инспирирана. Сакам да ја пренесам длабочината на моите чувства директно до публиката. По долг период, имам желба да сум отворена и искрена во тоа што го работам, да ги потсетам луѓето на тие едноставни и мали нешта, кои се всушност толку големи, важни и значајни во нашиот живот, како што се љубовта и искрената комуникација меѓу нас – додава Лоба.