Најстариот предмет во музејската поставка е ебилиоскопот, или малиганометар, кој потекнува од 1534 година. Служел за мерење на јачината на виното во малигани, а бил во сопственост на семејството Велкови, основачи на првата винарница „Тиквеш“ во 1885 година
Тиквешијата, најпознатиот лозарски крај во Македонија, раскажува многу интересни приказни, кои со отворањето на винскиот музеј во Кавадарци пред десетина месеци се собрани на едно место. Овој специјализиран музеј е прв од ваков тип во земјава, а богатата музејска збирка има цел да го прикаже континуитетот на производството на вино и ракија во овој регион, од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Винскиот музеј во себе ги обединува сите музеолошки дисциплини: археолошка, етнолошка и историска.
На 150 квадратни метри се изложени 70 музејски експонати, 15 оригинални фотографии со историска содржина и многу витрини на кои се изложени вината на 15 винарници, кои посетителите може и да ги дегустираат. Зградата на винскиот музеј се наоѓа во прекрасниот амбиент на градскиот парк во Кавадарци и опкружена е со дворно место, наменски уредено за презентација и дегустација на вино и ракија и украсено со мозаици со орнаментика на винова лоза и грозје. Вековната традиција на одгледување на виновата лоза на овие простори е испреплетена во заедничкиот соживот и ритам на живеење, борба за егзистениција и славење на добрите берби со добро вино и ракија и слатки производи, засладени со природните засладувачи од маџун направен од гроздов сок.
Малиганометар од 1534 година
Најстариот предмет во музејската поставка е ебилиоскопот, или малиганометар, кој потекнува од 1534 година. Служел за мерење на јачината на виното во малигани, а бил во сопственост на семејството Велкови, основачи на првата винарница „Тиквеш“ во 1885 година. Инструментот е купен од Австрија и бил прв од ваков тип на Балканот. Од необичните предмети, голем интерес предизвикува и ладилникот произведен во 1883 година. Овој предмет првенствено се користел за ладење вино. Направен е од дрво од мајсторот Цацко (Булето) и во 1985 година, со формирањето на винарската визба „Тиквеш“, тој поминува во негова сопственост. Мразот за потребите на ладилникот се носел од месноста Липите на Мурџевци, каде што го имало во текот на целата година. Големо внимание кај посетителите привлекува и казанот за варење ракија, кој му припаѓал на семејството Крстевски, а датира од 1926 година, кога е донесен од селото Ресава во Кавадарци. Муљачот, кој е изложен, го користело семејството Велкови и го нарекувало „Ламја“, кој за потребите на нивната винарница во првата половина на 20 век бил значаен предмет за обработка на грозје.
Прекрасните буриња за чување вино и ракија датираат од 1924 и 1926 година, а изложени се на прекрасна ткаена алија од волна, на која прецизно е исткаена годината на нејзиното изработување, 1894 година. Покрај овие интересни предмети, во музејската поставка може да се видат многу интересни предмети, како тава за варење маџун, аранија, маштраба, баскија, сумпурица и многу други бакарни садови.
Збогатување на поставката со предмети од граѓаните
Ентериерот на музејот е збогатен и со амбиентална содржина, со модерна технолошко современи услови за работа и библиотека со информативни содржини.
– Иако започна да работи во септември минатата година, во услови на пандемија, успеавме да подготвиме и да испечатиме водич низ винскиот музеј и цеде со наслов „Од зрно грозје до чаша вино“, кои содржат многу информации за развојот на лозарството и винарството, почнувајќи од античкиот период, па до почетокот на 20 век – вели директорката на музејот, Весела Честоева.
Иако винскиот музеј е отворен во време на пандемија, сепак во него се случија неколку интересни настани поврзани со лозарството и винарството. Директорката најавува интензивно ангажирање на полето на собирање стари предмети од граѓаните, збогатување на постојната поставка и организирање на голем број промоции и дегустации на производите од тиквешките винарници.
Во рамките на музејската поставка функционира и комерцијален дел, каде што се изложени вина од речиси сите винарници во Тиквешијата. Станува збор за вина произведени во големи и средни винарници, како што се винарската визба „Тиквеш“, винарницата „Стоби“, ВВМ ГД „Тиквеш“, винарниците „Попов“, „Бади“, „Наумчеви“, „Пешков“, „Иванов“,„Клинчаров“, „Коцеви“, „Кимов“, како и винарницата „Ерос“, која единствена произведува сок од грозје. Вината се изложени во посебни витрини и се дел од музејската поставка, но целта на винскиот музеј е освен да ги претстави старите предмети за производство на вино и ракија, исто така да го презентира веќе готовиот производ, локалните винарници да имаат свое место каде што ќе можат да се промовираат, а посетителите да бидат во можност да ги дегустираат и купат нивните вина.