Пет бизарни но фасцинантни места на Земјата со своите пејзажи го привлекуваат вниманието на туристите и на научниците
Пет бизарни но фасцинантни места на Земјата
1. Порта на пеколот (Дервезе, Туркменистан)
Портата на пеколот во Туркменистан е едно од ретките места во светот што луѓето ги нарекуваат влез или врата во пеколот. Станува збор за кратер со дијаметар од 70 метри, кој не престанува да гори од 1971 година, кога е пронајден. Руски научници сакале да ја проучат оваа област, мислејќи дека има неисцрпно наоѓалиште на нафта, но забележале дека има резерви на метан под земја. Случајно дошло до несреќа, па целата платформа за дупчење се срушила и создала кратер, кој гори и денес.
2. Виножитни Планини (Перу)
Кога помислувате на Перу, Мачу Пикчу е веројатно првото место што сакате да го посетите. Сепак, не треба да ги пропуштите ниту планините Виникунка, бидејќи тие претставуваат еден од најневеројатните пејзажи на Земјата. Тие го добиле името Виножитни Планини благодарение на различните убави нијанси што ги красат. Никој не знае што ги предизвикало боите на виножитото на планинските карпи. Научниците се обидуваат да најдат објаснување, но досега безуспешно.
3. Зелено село (Кина)
Скриено длабоко во архипелагот Шенгши, во Кина, селото целосно е освоено од мајката природа. Некогаш ова село било успешна рибарска заедница, но како што се трошеле ресурсите, населението побарало подобар живот на друго место. Индустријализацијата во Кина придонела за голема миграција. Наскоро целата заедница го напуштила ова село.
Како што одминувало времето, природата го проголтала, па денес целото е покриено со растенија. Секој прозорец, врата, пукнатина се обвиени со винова лоза и зеленило, што го претвори селото во зелен град на духови. Она што е уште поневеројатно е што беа потребни 50 години за целосна трансформација.
4. Нагоро (Јапонија)
Нагоро е мало село во Јапонија, а она што го прави бизарно е фактот дека во него живеат кукли со големина на човек. Како се случило тоа? Цукими Ајано се вратила во својот роден град во 2003 година и забележала дека жителите што некогаш живееле во ова село заминале или починале. Така, Цукими почнала да прави кукли во големина на човек, а денес тука живеат повеќе од 350 кукли што ги претставуваат поранешните жители на ова село. Од рибарот што се обидува да фати риба до учениците во училницата и двојките на клупите, сите кукли се поставени за да личат на поранешната човечка популација во селото. Нагоро е навистина едно од најчудните и најубави места на Земјата.
5. Крвав водопад (Антарктик)
Глечерот Тејлор на Антарктикот е дом на прекрасен феномен: течност што изгледа како да тече крв од него. Бојата на крваво црвената вода е последица на присуството на солена вода, која е заробена во внатрешноста на глечерот подолго време. Бидејќи нема никаков контакт со кислород или сончеви зраци, содржината на солта се зголемува и не замрзнува. Пукнатините во глечерот дозволуваат да излезе солена вода, а кога кислородот ќе дојде во контакт со водата, доаѓа до промена на црвената нијанса, па оттука и појавата на крвавиот водопад. Овој глечер првпат е откриен во 1911 година.