За најголемиот дел од пријателите Вилијам Блејк бил чуден човек со поматен ум, ум што постојано поматено создавал песни, слики и гравури. Најчесто неговите творби биле отфрлани и за него се говорело дека е „чакнат човек“ што живее во и со своите „визии“.
Уште како дете тврдел дека има „визии“. Кога имал девет години рекол дека видел дрво полно со ангели што ја осветлувале секоја гранка. Во друга пригода, Блејк ги набљудувал собирачите на сено и видел фигури на ангели што се движеле меѓу нив. Во подоцнежните години, според неговата сопруга Катерина, Блејк често го гледал ликот на Бог. Тој верувал дека бил воден и советуван од ангелите за да ги создава своите уметнички дела. Вајткат во психолошката анализа за Блејк вели дека тој не е ниту првиот, ниту последниот, ниту единствениот пример дека границата помеѓу лудиот и генијот е навистина малечка.
Бракот на Блејк со Катерина е своевидна легенда. Нивната заедница не можела да биде разнишана дури ни од празните чинии кога немало што да се јаде, ниту од изветвените алишта кога немале што да облечат. Во такви случаи, Катерина поставувала празни чинии на трпезата и без зборови на прекор или обвиненија седнувала спроти својот Вилијам, кој некаде „отпатувал“, чекајќи го повторно да се „врати“. Неговите пријатели сведочат дека бракот само еднаш бил разнишан, кога Блејк во согласност со своите разбирања за сексуалната слобода намислил да донесе љубовница како конкубина во својот дом. Бидејќи Катерина се спротивставила, Блејк се повлекол од намислата.