Еволуцијата на видеоигрите и големиот раст на нивните потрошувачи во последниве години се причина за спроведување на сѐ повеќе истражувања за влијанието на видеоигрите врз здравјето на луѓето, особено кај децата.
Во медиумите најчесто се споменуваат негативните аспекти на видеоигрите, како проблемите со насилство и зависноста од игри. Меѓутоа, ако се погледнат трендовите во индустријата за игри, се доаѓа до заклучок дека насилството во видеоигрите е помалку застапено отколку во другите форми на масовна општоприфатена забава.
Според експертите, резултатите од неодамнешното истражување укажуваат дека играњето видеоигри има голем број предности и позитивни ефекти врз растот и развојот на децата. Сѐ поголем е бројот на научни трудови што се занимаваат со позитивното влијание на видеоигрите.
Донесување побрзи и поправилни одлуки
На 24 август 2010 година, професорката по когнитивни науки Дафне Бавалиер и нејзините соработници од Универзитетот во Рочестер објавиле студија што покажува дека играњето акциски игри ја зголемува можноста за донесување побрзи и поправилни одлуки. Имено, играчите на акциска игра не само што ги усовршуваат своите вештини за играње по долг период туку развиваат и многу други корисни вештини за секојдневниот живот, како што е подобра навигација во вселената, можност за попрецизно следење поединци во толпа, како и побрзо читање текстови со помали букви.
Една од најголемите предности на овие луѓе е зголемената способност за работа во неколку работни места истовремено, т.н. мултитаскинг. Во научното списание „Курент биолоџи“, Дафне Бавалиер, Александар Пује и Шон Грин истакнуваат дека луѓето што играат акциски игри донесуваат одлуки 25 проценти побрзо од луѓето што не играат.
Тимски дух
Играњето видеоигри е начин за децата да поминуваат време заедно и да научат како да комуницираат подобро. Играњето игри во групи е специфично општествено искуство, бидејќи на тој начин тие запознаваат нови луѓе и стекнуваат вештини за тимска работа (милиони луѓе во светот се собираат во виртуелни групи за да играат одредени видеоигри). Ако семејство или група пријатели играат заедно во тим и ги решаваат проблемите заедно, тоа е шанса за нив да се сретнат од нова перспектива и да го продлабочат пријателството.
Креативност кај децата
Професорката на Државниот универзитет во Мичиген, психологот Линда Џексон, спровела научно истражување со своите соработници, во кое биле вклучени над 500 деца, на возраст од 12 години. Истражувањето покажало дека креативноста на децата што играат видеоигри е зголемена во споредба со другите деца, но и дека користењето мобилни телефони, интернет и компјутери за други цели, освен играњето, има негативно влијание врз детската креативност.
Истражувањето спроведено од Џексон е направено со помош на тестот „Торенс“. Тестот „Торенс“ е научно прифатен тест, во кој е неопходно да се нацрта креативен цртеж користејќи заоблени линии, да се именува цртежот и подоцна да се напише приказна за темата на цртежот. Истражувањето е објавено во 2011 година, во научното списание „Компјутери во човековото однесување“.
Намалена агресија кај децата?
Дали играњето игри како ХАЛО, „Мортал комбат“ или „Гранд тефт ауто“ кај деца што имаат депресивен симптом, служи како предизвикувач на зголемена депресија или зголемена агресија?
Според професорот Кристофер Фергусон од универзитетот „Стетсон“ и независната истражувачка Шерил Ослон, кои ја објавија студијата во научното списание „Спрингерс журнал за млади и адолесценти“, одговорот е „не“.
Според нивното истражување, децата што имаат симптом на недостиг од внимание добиле смирувачки ефект по играње игри, што им помогнало да ја намалат агресијата. Фергусон и Олсон го спровеле истражувањето на 377 деца од различни етнички групи, со просечна возраст од 13 години. Ова истражување било дел од големиот проект направен од американската влада, кој имал задача да го испита влијанието на насилството во видеоигрите врз младите.
Заклучокот од оваа студија е дека не е пронајдена врска со зголемувањето на деликвентното однесување кај децата од тестираната возраст што имаат симптоми на депресија и недостиг од внимание.
Решавање проблеми и меморија
За да победат во видеоиграта, играчите учат да ги планираат своите постапки и да разликуваат важни од ирелевантни информации. Играњето видеоигри ги подобрува вештините за решавање проблеми и меморијата, бидејќи децата се сеќаваат на нивните претходни постапки. Позитивното влијание на играњето видеоигри врз способноста за решавање проблеми е најголемо со умерен број часови поминати во игра. Исто така, постои еден предуслов за овој ефект, важно е која активност ја заменуваат со играњето игри. Имено, ако децата играат видеоигри наместо да гледаат телевизија, да се одмораат или одат на шопинг итн., тоа има позитивно влијание врз нивниот развој. Меѓутоа, играњето видеоигри не може да биде замена за учење или за извршување на домашните задачи.