По влезот на Тамара во финалето на „Евросонг“
Марија Таушанска,
наша известувачка од Тел Авив
Многу сум горда што по седум години ја вратив мојата земја во големото евровизиско финале. Најгорда сум на мојот тим, но и на сите Македонци, на сите што ме поддржаа и што ме бодреа сите овие месеци. Преку песната „Proud“ испративме силна порака и среќна сум што допре до многумина, порача Тамара
Колку е пријатно чувството кога држејќи го во рака македонското знаме се движиш гордо низ евровизискиот прес-центар во Тел Авив, а од страна постојано слушаш честитки и извици: браво Македонци, заслужено во финалето, Тамара е прекрасна, моќна изведба… Новинарите од соседните земји, Грција, Бугарија, Србија, Црна Гора, Словенија, исто така ни упатуваа срдечни честитки. Побрзавме да фатиме место понапред на прес-конференцијата на која беа претставени вторите 10 полуфиналисти. И таму иста слика, ти земаат изјави странски ТВ-екипи, прашувајќи те дали се чувствуваш гордо поради квалификувањето на Тамара во финалето на „Евросонг“ по седум години пауза, ти бараат македонски знамиња и ги веат со насмевка. Колку и да бевме малобројни ние Македонците во салата, бевме најсреќни и најбучни, исто како и во прес-центарот. Сите облечени, се разбира, во маички со натпис „Proud“. И според редоследот по кој беа соопштени финалистите, така и Тамара прва одговори на две прашања на прес-конференцијата.
– Ви посакувам сите да се чувствувате гордо и да не ја криете својата големина. Многу сум горда што по седум години ја вратив мојата земја во големото евровизиско финале. Најгорда сум на мојот тим, но и на сите Македонци, на сите што ме поддржаа и што ме бодреа сите овие месеци. Преку песната „Proud“ испративме силна порака и среќна сум што допре до многумина – им порача таа на големиот број новинари во салата.
Несомнено, нашата претставничка со својата изведба ни приреди вистински емотивен земјотрес. Веруваме дека сега многу порелаксирано ќе настапи на евровизиското големо финале вечерва, каде што веќе ја вбројуваат меѓу фаворитите.
– Сѐ е полесно кога се работи тимски и кога знаеш што сакаш, а за да ги реализираш своите соништа ти помага сплотена екипа, која на вистински начин ги остварува твоите соништа. Јас ете се осмелив да сонувам, како што е и слоганот на годинашната „Евровизија“ – ни рече Тамара.
А за овој голем успех, секако, заслужни се авторите на песната: Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, текстописецот и автор на целиот концепт со кој беше претставена „Горда“ на „Евровизија“, Коста Петров, придружните вокали: Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев, дизајнерот Александар Ношпал и целиот тим на МРТ, носител на лиценцата за овој избор. По завршувањето на пресот сите отидоа да го прослават влезот во финалето на Тамара, а во динамичниот и секогаш активен Тел Авив места за забава има навистина многу.
Вчеравечер се случуваше и Бела ноќ на повеќе локации, а раздвижено беше и на неколкуте сцени во евровизиското село покрај брегот и во евроклубот. Меѓу учесниците на финалето се и Данкан Лоренс од Холандија, Јонида Маличи од Албанија, Џон Лундвик од Шведска, Сергеј Лазарев од Русија, Чингиз од Азербејџан, Леонора од Данска, Кеино и Сприт од Норвешка, Лука од Швајцарија и Михаела од Малта. Финалниот резултат е добиен со збир на гласовите од жирито и од публиката преку телефонските јавувања. На прес-конференцијата беше извлечен и редоследот на настапите на учесниците, во првиот или вториот дел на вечерта, по што на официјалната евровизиска страница беше истакнат и конечниот редослед, според кој нашата Тамара настапува осма. Освен 20-те полуфиналисти, ќе ги слушнеме и претставниците на домаќинот Израел и на големата евровизиска петорка: Велика Британија, Франција, Шпанија, Германија и Италија. Мадона го потпиша договорот за настап на „Евровизија“ и ќе изведе две песни на финалната вечер, една сосема нова. Во Тел Авив пристигна и нејзиниот дизајнер, славниот Жан Пол Готје. Свој настап во ревијалниот дел ќе имаат и евровизиските победници Кончита Вурст и Менс Зенмерлов.