Експерти од американскиот универзитет МИТ подготвуваат вештачки мозок од чипови, кој ќе работи како суперкомпјутер и ќе може да биде вграден во машини, како што се автомобилите.
Минијатурниот чип, моделиран по човечкиот мозок, е направен од десетици илјади мемристори, електрични компоненти што имитираат вештачки синапси на мозокот, објави „Сајенс дејли“.
Чипот е веќе тестиран и бил во можност да запомни фотографии и да ги репродуцира, но појасно и попрецизно од другите чипови.
Резултатите од тестирањето ветуваат кога станува збор за правење невроморфни уреди, кои личат на човечкиот мозок и обработуваат податоци по сличен принцип. Таквите уреди би можеле да бидат многу мали, за да може да изведуваат сложени компјутерски операции како што се суперкомпјутерите.
– Вештачките синапси досега постоеја како софтвер, но сега се обидуваме да направиме хардвер, сличен на нервна мрежа за преносен систем на вештачка интелигенција – вели Џиван Ким, професор по механички инженеринг на МИТ.
Тој објаснува дека ваквите уреди, на пример, може да се инсталираат во автомобилите, да препознаваат сообраќајни знаци или сообраќајни ситуации, дури и без да бидат поврзани на интернет. На тој начин, една од главните пречки, брзата интернет-врска, ќе биде отстранета кога станува збор за развој на автомобили без возачи.