Хуманоста е широк поим што значи да се помага секогаш и во секој момент кому било и на кој било начин, без оглед на верска, етничка и национална припадност, вели Илиевски
Не смеете да ја загубите вербата во хуманоста. Хуманоста е океан, ако се заматат неколку капки, нема и целиот океан да биде валкан, рекол Махатма Ганди.
Хуманоста не е одлика на духовно сиромашните. Хуманоста ја отсликува големината на еден човек. Таа е најчовечната особина, доблест за секој поединец. Таа е дел од принципите на еден граѓанин. Дел од животната етика.
Раде Илиевски е пример пред сѐ за човек, а потоа и за хуманитарец. Уште како средношколец високо ја рангирал општествената вредност на хуманоста и до денес неуморно се докажува преку своите хумани дела. Чувството да спасиш човечки живот е непроценливо, а тој живее секој ден со тоа блажено чувство. Хоби му е да дарува и да спасува животи.
Раде Илиевски е професор по физичко и здравствено образование во ОУ „Рајко Жинзифов“ и магистер по спортски туризам. Неговото портфолио е богато со голем број признанија, награди, дипломи, сертификати. Учествувал во голем број спасителски акции. Има спасено многу човечки животи. Активист е во Црвениот крст. Дарува крв, но и мотиватор и промотор е на крводарителството. Учествува во организирање семинари за безбедност на вода. Инструктор е за безбедност (спасување) на вода. Обожаван професор меѓу учениците.
Се обидувате да го промените човештвото преку своите дела. Како почна приказната за хуманоста? На кој подвиг сте особено горд?
– Уште како средношколец ја имав хуманата енергија во себе. Почнав со крводарителство, кое секако не престана, туку продолжи во текот на целиот мој живот. Сум спасил многу животи низ годиниве, и среќен сум што сум се нашол на вистинското место во вистинското време. Прво што ми текнува е за време на одмор во Будва, едно девојче падна од педалинка, и страшно беше затоа што не знаеше да плива. Се најдов во близина и воопшто не се мислев, му помогнав да излезе од водата.
Што е она што ве поттикна да се реализирате како хуманист?
– Хуманоста не се учи, таа се поседува во својот дух. Ме прави среќен и уште духовно побогат.
Што претставува за вас хуманоста, и колку се живее кај нас хуманоста?
– Хуманоста е широк поим што значи да се помага секогаш и во секој момент кому било и на кој било начин, без оглед на верска, етничка и национална припадност.
Признанијата укажуваат дека сте докажан хуманист. Како се живее со оваа значајна титула?
– Најнормално, како и сите други луѓе, затоа што величината на големите и хумани луѓе е во нивната скромност.
Инструктор сте за безбедност (спасување) на вода. Што е најважно за безбедноста на вода? Кои се вашите совети, на што треба да се внимава?
– Најважно е инструкторот за безбедност на вода да биде подготвен, концентриран, буден во секој момент, да не се остави ништо на случајноста, да ги има сите потребни средства, помагала, што се користат при процесот на спасување од вода. На отворени води луѓето треба да не се оддалечуваат многу од брегот, зашто безбедноста на поголема далечина е помала поради помалата прегледност на спасителот – инструкторот.
Со какви недостатоци се соочуваме како нација кога станува збор за безбедноста на вода? На што треба да работиме за да ја подобриме безбедноста?
– Отсуство на спасителна служба на помалите плажи, да има поголем број помошни и посовремени средства-помагала за да може при спасување давеникот побрзо и побезбедно да се извади од водата и да се спаси. Треба да се поработи на организациски план, на децата уште од рана возраст треба да им се укаже на опасностите што ги носи водата на отворено и во базените, за да има самодисциплина, што многу ќе придонесе да нема немили настани.
Имате огромно искуство како спасител. Какви карактеристики треба да поседува еден спасител?
– Спасителот треба да е физички добро подготвен, да е добар пливач, да ги има усовршено техниките за помош при давење, да знае добро да ракува со помошните средства, да е одговорен, концентриран.
Хуманите дела сами по себе говорат за вашата неуморност, несебичност, човечност.
Која е пораката што ја праќате преку нив?
– Да се помага, да се прават добри дела во секој потребен момент, да се биде хуман, затоа за спасен живот нема цена.
Кои се вашите стремежи?
– Да продолжам со хуманите дела, да помагам сѐ додека можам и ме служи здравјето, секако.
Спасил многу животи
Раде Илиевски е докажан хуманист во повеќе наврати, за што сведочат многубројните пофалници и јавни благодарници за спасување животи, давеници во Охридско Езеро, во езерото Треска, на Олимпискиот базен, и на многу други места на кои случајно се нашол. Особено значајно е тоа што професорот несебично им помага на беспомошните, болните лица и на лицата со посебни потреби, како ранливи категории за кои тој практикува бесплатни часови по пливање, за да даде личен придонес во поддршката на овие лица.
Како голем хуманист и педагог во моментот професорот Раде Илиевски професионално работи со децата без родителска грижа од СОС Детско село, на возраст од 10 до 15 години, на кои без никаков паричен надоместок во форма на донации им дава обука за техниките на пливањето (правилно дишење во вода, одржување во вода и сл.) и води грижа за нив додека тие се присутни во базенот. Неговите ученици, кои се активни членови на атлетски клубови во Скопје, учествуваат на државни натпревари во организација на Атлетската федерација на Македонија, а многупати ги бранеле боите на Македонија. Освојуваат високи титули и медали, затоа што тој е одличен мотиватор, педагог и го вади најдоброто од своите ученици.
Инструктор е по пливање и во базени и на отворени води. Во април годинава „Црвен крст – служба за безбедност на вода“ му издаде и легитимација за спасител на отворени води, така што е национален инструктор, како и спасител на базени и водни паркови. Исто така бил организатор за собирање помош за раселените лица по воениот конфликт во 2001 година. Организатор на акции за собирање храна и лекови за Србија и за Црна Гора во време на НАТО-бомбардирањето. Ја има добиено статуетката и благодарница за хуманост „Мајка Тереза“. Прогласуван е за просветен работник на годината. Трипати ја има добиено наградата „13 Ноември“ од градот Скопје за долгогодишна хуманитарна активност, за спорт и за образование. А годинава ќе аплицира за државната награда „Мајка Тереза“ за покажани хумани дела.