Физичката активност спречува околу 15 проценти од прераните смртни случаи, што е околу 3,9 милиони спасени човечки животи годишно, потврдуваат најновите британски истражувања, спроведени во Кембриџ и во Единбург. Научниците велат дека решиле наместо да ги плашат луѓето дека ќе умрат порано ако не се движат доволно, да го ставаат акцентот на придобивката од вежбањето и активностите
Научниците одамна укажуваат дека физичката активност и вежбањето имаат позитивно влијание врз нашето здравје и благосостојбата на организмот. Ваквите препораки доаѓаа од сите страни, во надеж дека луѓето или барем поголемиот број од нив ќе ги сменат животните навики и конечно ќе се свртат кон она што има навистина позитивно влијание. Како резултат на тоа сведоци сме дека луѓето навистина живеат поквалитетно и подобро, гледано барем од овој аспект на физичка активност.
Деновиве ваквите тврдења ги потврдија и најновите истражувања, кои велат дека само во Велика Британија, вежбањето спречува дури 26.600 предвремени смртни случаи годишно, а скоро четири милиони низ целиот свет. Истражувачите од Кембриџ и од Единбург го пресметале ова откако сфатиле дека премногу често се става акцент на негативните здравствени последици од седењето. Затоа велат дека наместо да ги плашат луѓето дека ќе умрат порано ако не се движат доволно, тие го ставаат акцентот на придобивката од вежбањето и активностите.
– Кога ќе ги сфатат придобивките од здравиот начин на живот, повеќето луѓе ќе се обидат понапорно да го одржат и да го подобрат стилот – истакна д-р Пол Кели, од Универзитетот во Единбург, за „Дејли меил“.
Во рамките на истражувањето, д-р Кели и неговиот тим го мереле нивото на физичка активност на Британците, а потоа ја процениле и користа од таа активност за целото општество. Тие откриле дека 64 отсто од луѓето во Велика Британија што вежбаат приближно онолку колку што укажуваат здравствените упатства – 150 минути умерено вежбање или 75 минути напорно вежбање неделно. Комбинирајќи ги тие податоци со процената на ризик од предвремената смрт на активните лица во споредба со неактивните, процениле колкав процент смртни случаи биле спречени со активниот стил на живот и вежбање. Нивниот заклучок е дека на глобално ниво вежбањето спречува околу 15 проценти од предвремените смртни случаи – што е околу 3,9 милиони животи спасени секоја година.
– Навикнати сме постојано да коментираме дека малку се движиме и да ги потсетуваме луѓето дека седечкиот животен стил е лош за организмот. Фокусирајќи се на спасените животи наместо на негативна слика, ја пренесуваме пораката за добри работи што се постигнуваат. Сите ние треба постојано да го нагласуваме позитивниот ефект од движењето и вежбањето – истакна д-р Теса Стејн од епидемиолошкиот оддел од Кембриџ.
Таа нагласува дека овие сознанија ќе придонесат Владата и локалните власти да ги поддржат луѓето да водат здрав начин на живот во актуелнава предизвикувачка економска клима.