Под мотото „Напрај се Василичар,“ Вевчанци ги завршуваат подготовките за Вевчанскиот карневал. Маските се подготвени, Василичарите го чекаат 13 јануари за конечниот почеток на карневалот стар милениуми. Вевчанци прашуваат: „Кеојш?“ Одговорот веќе го знаете: На Вевчански карневал!
Вевчанци и оваа година очекуваат рекорден број посетители. Минатата година над 10 илјади гости присуствуваа на Вевчанскиот карневал, а домаќините велат дека секоја година бројот се зголемува. Тие сѐ уште ги чуваат во тајност маските коишто ги подготвуваа во текот на целата година, но најавуваат многу сатира, креативност и одлична забава.
Рестораните и кафеаните се подготвени за да ги пречекаат гостите. Велат дека неодоливата вевчанска кујна и вкусното вевчанско вино несомнено ќе ги расположат посетителите и покрај ниските температури.
Искористете го продолжениот викенд за да го посетите овој несекојдневен настан, а воедно и да уживате во вевчанскиот крај цели пет дена. Вевчанци како домаќини ветуваат луд и незаборавен помин со многу хумор и сатира.
Вековната традиција и историја на Вевчанци вреди да се почувствува на Вевчанскиот карневал. Вевчани и Вевчанци се подготвени, а вие?