Многу земји низ светот го мерат своето население во милиони, некои дури и во илјадници. Сепак, има и земји чие население одговара на големината на мал или среден град. Овие земји се обично територијално мали, што предизвикува помалку простор каде што луѓето можат да живеат и да работат. Поради недостигот од простор и ресурси, можностите на овие држави да генерираат богатство и просперитет се ограничени. Сите земји со мало население се соочуваат со слични проблеми. Островските нации на Тихи Океан се витално загрозени од зголемувањето на нивото на морето и сите мали држави имаат заеднички проблем – недостиг од природни ресурси. Затоа, тие мора да најдат други начини да генерираат приход и да градат силни економии. Некои од нив се поуспешни од другите, како што се Монако и Лихтенштајн, кои се едни од најбогатите земји во светот. Тие ни покажуваат дека големината на територијата и големината на населението не се неопходни услови за просперитет. Според „Ворлд атлас“, ви ги претставуваме десетте светски земји со најмало население.
Ватикан
Градот држава Ватикан, седиште на поглаварот на Католичката црква, со своите 825 жители е најмалку населената земја во светот. Поголемиот дел од населението се свештеници и монахињи од целиот свет. Ватикан се наоѓа во срцето на градот Рим, главниот град на Италија. Иако е мала земја, Ватикан е многу богат. Ватиканската банка има средства од 8 милијарди долари. Туризмот е значаен извор на приход за Ватикан, а бројот на посетители е тројно зголемен откако за шеф е избран папата Франциск, се разбира, не во периодот на пандемијата на коронавирусот.
Тувалу
Втора најмалку населена земја во светот е Тувалу, оддалечен остров во Јужен Пацифик. Тувалу е мал архипелаг во Полинезискиот Регион, 1.000 километри северно од Фиџи и 2.000 километри источно од Соломонските Острови. На површина од 26 квадратни километри живеат 11.650 луѓе. Населението во оваа земја се намалува поради зголемувањето на нивото на морето, што го загрозува опстанокот на нацијата.
Науру
Друга мала островска држава во Тихи Океан е Науру, со 12.580 жители. Зафаќа површина од 12,9 квадратни километри и е најмалата островска држава во светот. Некогаш, Науру имаше најголем бруто-домашен производ по жител во светот, благодарение на богатите депозити на фосфат. Денес, фосфатот веќе го нема, а БДП на Науру е најнизок во светот. Егзистенцијата на Науру е загрозена од последиците од прекумерната рударска активност и климатските промени. Дебелината е уште еден голем проблем на оваа нација, кој влијае на 71,1 процент од населението и ги прави „најдебелите луѓе на светот“.
Палау
Има уште една мала и слабо населена земја на оваа листа во Јужниот Пацифик. Палау се состои од 250 острови, источно од Филипините, со вкупна површина од 395 квадратни километри. Населението во Палау има само 18.010 луѓе, иако областа на земјата е значително поголема од областа на Науру и на Тувалу.
Сан Марино
На северот на Италија, близу Средоземно Море, се наоѓа Сан Марино. Сан Марино се смета за најстара република во светот и постои од времето кога градовите држави беа вообичаени во Европа. На површина од 61,2 квадратен километар живеат 33.860 жители. Пред пандемијата на коронавирусот, три милиони туристи го посетуваа Сан Марино секоја година.
Лихтенштајн
Сместен е помеѓу Швајцарија и Австрија, на површина од 99,87 квадратни километри. Во Кнежевството Лихтенштајн живеат 38.020 жители. За разлика од Сан Марино, Лихтенштајн е најмалку посетена европска земја. И покрај малата популација и скромната територија, Лихтенштајн е многу богата земја, со бруто-домашен производ по жител втор по големина во светот.
Монако
Кнежевството Монако се наоѓа на брегот на Средоземно Море и граничи само со Франција. Областа на Монако е 1,21 квадратен километри и има 38.960 жители. Овој процент го прави Монако најгусто населена земја во светот, со 26.337 жители на квадратен километар. Милионерите сочинуваат 32 проценти од вкупното население на Монако, што го прави исклучително богата земја.
Сент Китс и Невис
Во источниот дел на Карипско Море постои држава составена од два острова, чии имиња го сочинуваат името на земјата – Сент Китс и Невис. Бројот на жители е 52.830, но бројот на туристи што го посетуваат годишно е многу поголем. Во 2019 година, прекрасните плажи на овие острови ги посетиле речиси 1,2 милион туристи.
Маршалските Острови
Оваа земја, која се состои од архипелаг од 29 атоли и пет индивидуални острови, се наоѓа во регионот на Микронезија. Маршалските Острови имаат вкупна површина од 1.942.491 квадратен километар, од кои копното зафаќа само 181 квадратен километар. Најголемиот град Маџуро е исто така главен град, со 25.000 жители, додека целата земја има 58.790 луѓе.
Доминика
Доминиканската Република не треба да се меша со Доминика, мала островска држава на истокот на Карибите. Станува збор за остров со население од 71.810 жители, од кои 3.000 се членови на карипскиот индиски народ.