Вредноста на букинг-платформата „Ербиенби“ порасна на повеќе од 100 милијарди долари само на првиот ден од јавната продажба на нејзините акции на „Вол Стрит“. Побарувачката по акциите беше многу голема и првично понудената цена од 68 американски долари за една акција на крајот достигна до 144 американски долари.
Компанијата притоа успеа да заработи 3,5 милијарди американски долари, што планира да ги искористи за да ја преживее пандемијата, која ги уништи туризмот и патувањата, пренесуваат светските медиуми.
Според моменталното вреднување при тргувањето „Ербиенби“ вреди повеќе од „Убер“ или „Мериот“ и „Хилтон“ заедно.
– Сѐ уште сме среде бура. Не знаеме уште колку ќе трае, па се надеваме на најдоброто додека се подготвуваме за најлошото – изјави Брајан Чески, извршниот менаџер и еден од основачите на „Ербиенби“.
Минатиот месец компанијата „Ербиенби“ соопшти дека патувањата се зголемија во текот на летото, бидејќи луѓето бараа да избегаат од затварањато на градовите поради епидемијата со ковид-19, со долгорочни изнајмувања повеќето поврзани со дестинации достапни со возење.
Букирањето преку „Ербиенби“ се намали пролетоска, но компанијата оствари изненадувачки профит во јули, август и септември.
Брајан Чески, Нејтан Блехарчик и Џо Гебија го започнале бизнисот во август 2008 со нивната идеја да го изнајмуваат својот стан во Сан Франциско. На платформата за букинг „Ербиенби“, која не располага со сопствени сместувачки капацитети, денес има над четири милиони имоти за изнајмување низ цел свет. Само минатата година 54 милиони луѓе резервирале сместување преку неа. Компанијата зема процент од секое букирање и лани остварила профит од 4,8 милијарди американски долари.
„Ербиенби“ денес е сериозен ривал и конкуренција на хотелскиот бизнис.