Музичките sвезди од Велика Британија, вклучувајќи ги сер Елтон Џон и членовите на групата „Редиохед“, вршат притисок врз Владата да ги реши проблемите за нивните турнеите во земјите-членки на Европската Унија по брегзит. Уметниците од оваа земја ќе се соочат со бирократија и давачки за визи за да одржат концерт или турнеја во некои земји на ЕУ.
– Или преговарачите за брегзит не се грижеа за музичарите, или не размислуваа за нив, или не беа подготвени за тој чекор – изјави Елтон Џон за „Гардијан“.
Министерката за култура, Керолајн Диненејџ, рече дека Владата „се залагала за решение и оти вратата сè уште е отворена“.
Таа им рече на пратениците во понеделникот дека Владата претстави „многу јасен план“ за да им се дозволи на музичарите да патуваат без работни дозволи, изработен „во консултација со експерти од Велика Британија и од креативните сектори, но ЕУ го одбила овој предлог“.
Брисел претходно го тврдеше спротивното, велејќи дека всушност Велика Британија е таа што ја одбила неговата понуда, пишува Би-би-си.
Во меѓувреме, Колин Гринвуд од „Редиохед“ ја обвини британската влада дека не сторила доволно за креативните индустрии во преговорите.
– Како што Хамбург беше важен за „Битлси“ и Европа беше клучна за нашиот раст како бенд. Ни овозможи да се видиме себеси одврзани од нашите корени во Велика Британија и да замислиме живот во музика што може да допре до публика насекаде. Создадовме трајни пријателства, гостувавме со музичари од Европа и нурнавме длабоко во нејзините клубови, фестивали, продавници за плочи и музички куќи – вели басистот на бендот за „Гардијан“.