Иако повеќето луѓе мислат дека денеска машините за пишување се дел од минатото, младиот британски уметник Џемс Кук (23) докажа дека тие и сега можат да бидат корисни. Овој студент на архитектура создава оригинални слики исклучиво со помош на машини за пишување и сѐ повеќе луѓе се заинтересирани за неговите дела, пишува сајтот „Борд панда“.
На неговите слики се прикажани градби, луѓе, домашни миленици, пејзажи и мртва природа.
Кук првпат пред пет години станал свесен дека машините за пишување можат да се користат во уметнички цели. Имено, тој прочитал текст во весник за човек што бил болен од церебрална парализа, па поради тоа не можел да држи молив или четка во раката. Поради тоа, тој пронашол начин да црта со помош на машина за пишување, што многу го заинтересирало Џемс Кук.
Првата машина ја купил од една постара брачна двојка, а во меѓувреме, набавил уште 29. Му било потребно многу време за да ја совлада техниката за правење слики со помош на машината за пишување, но сега веќе е мајстор за овој оригинален начин за создавање уметност. Сепак, признава дека понекогаш му се потребни и 30 часа за да заврши некое покомплицирано дело.