Од црната смрт во 14 век до шпанскиот грип во 1920 година, смртоносните болести не го штедеа благородништвото во светот, а особено на удар на смртоносните болести била британската монархија, пишува „Нешенел џеографик“

Чума
Чума е бактериска инфекција, која се пренесува од животно на човек и е една од најсмртоносните болести во историјата на човештвото. Првата пандемија се појавила околу 542 година, но многу е попозната онаа што почнала во 1334 година, таканаречената црна смрт, која ги опустошила Азија и Европа, усмртувајќи дури 25 милиони луѓе. Никој не бил поштеден, па ни членовите на британското кралско семејство.
Едвард Осми, кој во 1327 година бил крунисан за крал на Англија, бил првиот владетел што го однела црната смрт. Чумата во неговиот двор ја донела неговата ќерка Џоун, која се заразила во текот на патувањето во Шпанија, каде што требало да се омажи за Педро од Кастилја, чиј татко исто така умрел од чума, две години подоцна. Кралот Алфонсо Деветти умрел обидувајќи се да го преземе Гибралтар од Маврите и повторно да го соедини со Шпанија.

Бурбонската чума продолжила да ја пустоши Британија. Речиси 50 години подоцна настрадал уште еден член на кралското семејство, кога внукот на Едвард Трети ја загубил својата сопруга. Кралот Ричард Втори во 1394 г. ја загубил својата сопруга, кралицата Ана од Чешка. Таа била позната по нежноста и ја викале Добрата Кралица Ана. Била толку многу сакана од страна на сопругот, што тој наредил палатата „Шин“, во која починала, да се урне.
Неодамна се откриени докази што говорат за тоа дека чумата повторно го погодила британскиот двор, седум години по смртта на кралицата Ана. Кралицата Елизабет Вудвил, сопругата на Едвард Четврти од Јорк и баба на кралот Хенри Осми, е погребана без погребни церемонии. Писмо старо 500 години, кое е пронајдено лани во Англискиот национален архив, укажува дека чумата била причина за нејзината смрт, што го објаснува скромниот погреб, што било одраз на страв од оваа заразна болест.

Големи сипаници
Можеби посмртоносни од чумата биле големите сипаници, заразна болест предизвикана со вирусот вариола. Големите сипаници со векови пустошеле во Европа, а ќерката на кралот Алфред Велики ја преживеала болеста. Епидемијата на оваа заразна болест се појавила во 16 век и, потенцијално, го сменила текот на историјата.
Кралот Едвард Шести имал само 14 г. кога се разболел од големи сипаници. Иако заздравел, сипаниците му го ослабнале имунитетот и следната година умрел од туберкулоза. Бидејќи немало преживеани машки наследници, престолот ѝ припаднал на неговата полусестра Марија, а по нејзината смрт, во 1558 година, на кралицата Елизабета Прва, можеби најпознатата жртва на мали сипаници.

Имено, таа, поради последиците од болеста, создала мода што одбележала цела една епоха. До 1562 година сипаниците станале болест за која се верувало дека главно ги напаѓа постарите луѓе. Оваа болест не била само смртоносна туку била тешка и за оние преживеаните, бидејќи често останувале онеспособени. Кралицата Елизабета Прва имала само 29 години кога се заразила. Сите верувале дека ќе умре, па и таа самата, што се гледа од нејзиното писмо до парламентот, во кое вели: „Смртта го зеде секој дел од мене“. Но таа преживеала, иако болеста оставила лузни на нејзиното лице, кои ги покривала со густа шминка на база на олово. Токму таа шминка го обележи златниот век на Англија, век на голем подем на оваа држава на сите полиња. Век што го обележи Вилијам Шекспир со своите дела.

Повеќе од 100 години подоцна, сипаниците му го одзедоа животот уште на еден монарх. Кралицата Марија Втора, која владеела заедно со сопругот Вилијам Трети, умрела од мали сипаници во 1694 година, кога имала само 32 години.
И други кралски семејства биле погодени од заразата со сипаници, па, така, од оваа опасна болест во 1724 г. починал кралот Луис Први од Шпанија, рускиот цар Петар Втори во 1730 година и францускиот крал Луј Четиринаесетти.

Грип
Иако е вообичаен исто како и обичната настинка, познато е дека грипот предизвикува глобални катастрофи. Оваа респираторна болест, која лесно се шири преку кашлање и кивање на заразената личност, како компликација предизвикува воспаление на белите дробови. Од 18 век досега грипот предизвикал десетина пандемии и однел милиони животи.

Една од епидемиите настанала во 1889 година во Санкт Петербург и се проширила во Европа. Во историјата останала позната како пандемија на руски грип. Инаку, грипот го погодил Лондон во три наврати, а секој нареден бил пострашен од претходниот. Третиот бран во 1892 година го погодил и кралското семејство. Од него заболел внукот на кралицата Викторија, втор во редот за пресолот. Алберт Виктор починал само ден пред својот 28. роденден, по што на тронот дошол неговиот помлад брат Џорџ Петти.

Три децении подоцна се случи уште една пандемија на грип, најопасна дотогаш, која исто така го погоди британското кралско семејство, но и целиот свет. Тоа е познатиот шпански грип, кој се јави во 1918 година и зарази третина од светското население, а уби 50 милиони луѓе. Еден од најпознатите преживеани пациенти беше токму кралот Џорџ Петти