Британскиот весник „Дејли ескпрес“ ги објави ексклузивните фотографии на нашиот колега Горан Анастасовски, кој имаше чест да го овековечи излегувањето на бебето на белиот кенгур од Зоолошката градина – Скопје. Кенгурчето кое излезе од торбата на својата мајка сега се најде и на страниците на светските медиуми.
– Ова е посебно, возбудливо чувство што малото кенгурче излезе и ми позираше за да ги направам фотографиите, бидејќи малите кенгурчиња поголемиот дел од времето го поминуваат во торбата на своите мајки – изјави тогаш Анастасовски за направените фотографии.
Ова не е првпат светските медиуми да ги објавуваат фотографиите на Анастасовски. Британски „Дејли стар“ објави за зачудувачката врска на Ристе Трајковски со жирафите во скопската Зоолошка овековечена од страна на фотографот на „Нова Македонија“, а „Телеграф“ за делото на Анастасовски каде може да се забележи неодоливиот момент помеѓу два леопарди.