По 20 години владеење и огромна заработувачка, брзата мода трпи огромни загуби и производителите како шведскиот гигант „Х и М“, шпанската „Зара“, „Пул енд бер“, „Страдивариус“ и други, затвораат илјадници продавници низ светот, а без работа остануваат продавачите во развиениот свет и работниците во сиромашните земји, пишува „Хафингтон пост“.
Според процените на листата „Бизнис и мода“, глобалната индустрија за мода, облека и чевли, поради пандемијата и кризата ќе има загуби до 30 отсто, огромна сума, бидејќи оваа стопанска гранка на светско ниво годишно заработува 2,5 трилиони долари.
Евтината модна облека според системот „облечи и фрли“, трпи големи загуби поради пандемијата на ковид-19, а за тоа придонесе и фактот дека оваа облека се произведува во оддалечени делови на светот, што за време на пандемијата придонесе за прекин на комуникациите.
Ковид-19 само ги разоткри проблемите во производството на брзата облека, на која подолго време не ѝ оди добро.
– Премногу се произведува, што е неодржливо за планетата – изјави за „Хафингтон пост“, Данило Вентури, директор на меѓународниот институт за моден дизајн и маркетинг „Полимода“.