Ирфан Кан, познат по улогите во „Милионер од калта“, „Животот на Пи“ и „Светот Јура“, почина на 53-годишна возраст, пренесува Би-би-си.
Кан починал во болница во индијскиот град Мумбаи, соопшти неговата ПР компанија.
Во 2018 година, актерот објави на Твитер дека му бил дијагностициран ендокриниот тумор, ретка болест која влијае на клетките кои испуштаат хормони во крвотокот. Подоцна се лекувал во лондонска болница.
Два месецa откако излезе во јавноста со својата дијагноза, тој објави отворено писмо за своето искуство со третманот на карцином, осврнувајќи се на „интензитетот“ на неговата болка и „неизвесноста“ на животот.
Тоа привлече масовна поддршка од неговите фанови ширум светот.
– Опкружен со љубов од неговото семејство за кое најмногу се грижеше, тој замина за небеското престојувалиште, оставајќи зад себе свое наследство. Сите се молиме и се надеваме дека тој е во мир – се вели во изјавата објавена од неговата ПР компанија со која се потврдува неговата смрт.
Тој бил примен во болница со инфекција на дебелото црево.
Ѕвездите на Боливуд и политичарите побрзаа да му оддадат почит на социјалните мрежи.
„Неверојатен талент… милостив колега… плоден соработник во светот на киноматографијата… прерано не нè напушти… создавајќи огромен вакуум“, објави на твитер актерот Амитаб Бачан кој соработувал со Кан во „Животот на Пи“.
Актерката Равена Тандон објави на твитер дека е Кан е „фантастичен колега, извонреден актер и убаво човечко суштество“.
Кан беше познат по своите ненаметливи и скромни настапи, а многумина го нарекуваа еден од најталентираните актери во Индија.
Во 2013 година, тој ја освои националната награда за филм на Индија за неговата главна улога во „Паан Синг Томар“, филм за врвен спортист кој станува разбојник.
Тој исто така глумеше во неколку хитови во Боливуд, вклучувајќи ги „Ланчбокс“, „Животот на Пи“ и „Хинди Медиум“. Неговиот последен филм, „Ангрези Медиум“, беше објавен минатиот месец.