Магазинот „Тајм“ објави топ-листа од најдобри филмови од оваа година. Листата е составена од филмската критичарка Стефани Зачарек

„Рома“
Филмскиот режисер Алфонсо Куарон го освои „златниот лав“ на Венецискиот филмски фестивал со филмот што е именуван по област во Мексико, каде што израснал Куарон(сценаристот и режисер). Станува збор за црно-бела драма на шпански јазик, која доби речиси едногласна пофалба од критичарите. Таа прикажува дел од семејниот живот на средната класа и нејзините лојални домаќинки во Мексико во раните 1970-ти години.

„Боемска рапсодија“
Долгоочекуваниот биографски филм ја носи приказната за човекот што веруваше во себе и својата музика кога никој друг не веруваше, им пркосеше на сите стереотипи и ги кршеше сите правила за да стане една од најголемите музички икони на сите времиња. Станува збор за култниот Фреди Меркјури, кој го глуми Рами Малек, американски актер со египетско потекло.

„Ѕвездата е родена“
Уште една римејк-класика од1937 година за трагична љубов помеѓу искусен музичар, кој е на залезот од својата кариера, и млада пејачка во подем.
Режијата му падна на актерот Бредли Купер, кој во своето режисерско деби ја глуми рок-ѕвездата Џексон Мејн. А покрај тоа што е автор на сценариото, ја напиша музиката, свиреше на гитара и пееше во живо. Неговиот лик е зависник од алкохол и дрога, но кога се запознава со келнерката Али, која сонува за кариерата на пејачот, животот ќе им се промени и на двајцата. Во филмот дебитира и Лејди Гага како главна женска улога. А саундтракот на филмот ги добро котира на сите музички листи.

„Падингтон“
Симпатичното перуанско мече своите лондонски авантури ги започна во 2014 година, кога се губи на станицата Падингтон. Но среќата му се насмевнува кога го наоѓа семејството Браун. Сега кога мечето е среќно вдомено кај семејството Браун, каде што станува популарен член на заедницата, шири радост и љубов каде и да оди. Тука започнуваат и неговите авантури.

„Ако Бил Стрит може да зборува“
Дејството на филмот „Ако Бил Стрит може да зборува“, на оскаровецот Бери Џенкинс, се одвива во почетокот на 1970-тите во Харлем. Ова е безвременска и трогателна љубовна приказна за неуништлива врска, но исто така и за прифаќањето на афроамериканско семејство, што се раскажува преку улогата на 19-годишната Тиш Риверс.

„Дали можеш да ме заборавиш?“
Филмот е снимен по мемоарите на Ли Израел, кои се брилијантно отелотворени од познатата комичарка Мелиса Маккарти. Ли Израел живее од пишување биографија на познати личности, како што се Кетрин Хепберн, Талула Банкхед, Ести Лаудер и новинарката Дороти Килгален. Меѓутоа, кога Ли повеќе не е во можност да ги објавува своите дела, бидејќи тие не се во согласност со сегашните интереси на публиката, се врти кон измама за да преживее.

„Фаворит“
Историската комедија „Фаворит“ на Јоргос Лантимос освои две награди на 75-от Венецијански филмски фестивал, големата награда од жирито, додека Оливија Колман ја освои наградата за најдобра женска улога. Филмот покажува интензивен љубовен однос меѓу кралицата Ана и нејзината советничка Сара Черчил, војвотката од Марлборо. Колман ја игра кралицата, а Рејчел Вејс е војвотката Черчил, чија блиска врска со кралицата станува напната по доаѓањето на нејзината помала братучетка Ебигејл, која ја глуми Ема Стоун.

„Осмо одделение“
Шармантен филм за растењето, кој го потпишува младиот режисер Бо Бренхем. Ова е неговиот прво долгометражно филмско дело. Станува збор за девојка што ги живее последните денови од основното училиште. Главната хероина ја глуми Елси Фишер, додека нејзиниот татко го игра Џош Хамилтон.

„Фрст реформд“
„Првично реформирано“, или „Фрст реформд“, премиерно е прикажан во Кан, а делото е на наградуваниот режисер и сценарист Пауло Шрејдер. Главните улоги ги толкуваат Итан Хоук и Аманда Сејфрид.

„Нема да ми бидеш сосед?“
Во филмот „Нема да ми бидеш сосед?“ филмаџијата Морган Невил ги истражува животот и наследството на Фред Роџерс, омилениот американски водител на популарната детска телевизиска емисија „Соседството на господин Роџерс“.