„Летот до никаде“ на „Квантас“ е еден од најбрзо распродадените во историјата на авиокомпанијата, при што сите билети беа купени за 10 минути, пренесува „Индипендент“. Австралиската авиокомпанија одлучила да започне седумчасовен лет над нивната држава кој ќе полета од, и ќе се слета во Сиднеј, во услови на постојните ограничувања за патување.
На летот закажан за 10 октомври нема да има запирање никаде, но патниците можат да уживаат во погледот на големата карпена формација „Улуру“, како и на Големиот корален гребен, најголемиот систем на корални гребени во светот составен од над 2.900 индивидуални гребени и 900 острови кои се протегаат на над 2.300 километри и други знаменитости.
Предвидени се 134 места во авионот „Боинг 787“, по цена од 575 долари до 2.765 австралиски долари, во зависност од класата на билетот.
– Ова веројатно е најбрзо продаваниот лет во историјата на „Квантас“. На луѓето очигледно им недостасува патувањето и искуството со летање. Ако видиме дека има побарувачка, ние дефинитивно ќе ја разгледаме можноста за повеќе од овие живописни летови, додека сите чекаме да се отворат границите – изјавил портпаролот на компанијата.
На истиот начин авиопревозникот предвидува и слични „летови за уживање“ до Антарктик. Авионите специјално набавени за планираната директна линија Велика Британија-Австралија, „Квантас“ ги прераспределува на 13-часовни директни повратни летови од Мелбурн, организирани со „Антарктик летови“.
Патниците за тоа доживување треба да платат 1.199 австралиски долари за 13-часовен лет кон замрзнатиот континент и назад. Голем дел од патувањето е преку море, со околу една третина над антарктичкиот континент.