Бигорексијата е целосно спротивна на анорексијата (која е карактеристична за жените) и таа денес погодува илјадници мажи што се стремат кон совршен изглед и се перципираат себеси како недоволно развиени и мускулести.
Во просек, овие мажи се погледнуваат себеси 12 пати на ден, се придржуваат кон строги диети, честопати се споредуваат со другите, прашувајќи се дали се доволно развиени, фанатично се обидуваат да добијат тежина и мускули, а честопати претерано користат и стероиди.
Според истражувањата, секој десетти маж што посетува вежбалница страда од ова нарушување, што може да доведе до срцев и мозочен удар, опаѓање на косата, летаргија и, во потешки случаи, дури и до самоубиствени мисли. Преголемата употреба на супстанции за вештачко зголемување на мускулите дополнително ги потенцира наведените здравствени проблеми.
Експертите, предводени од Роб Вилијамс, ја проучувале бигорексијата како ментално растројство, која, според нив, е поттикната од некоја траума во детството, предизвикана од создавање несигурност кај детето. Поради тоа во пубертетот доаѓа до фрустрацијата поради проекцијата за идеален надворешен изглед, кој би требало да биде показател за успех и моќ.
Третманот бара многу советување и посебен пристап со кој ќе му се помогне на лицето да ги промени својот став и нереалната претстава за својот изглед.
Ако забележите знаци на ова нарушување кај себе, разговарајте со блиски луѓе и запомнете ги вашите добри квалитети, како и фактот дека умереноста во сè, дури и при вежбање, е клучот за среќа.