Францускиот филм „Клер Дарлинг“, во режија на Џули Бертучели, е на редовниот репертоар на домашните кина.
Првиот ден од летото Клер Дарлинг се буди убедена дека тоа ѝ е последниот ден од животот. Таа одлучува да продаде сѐ од куќата, од ламба „тифани“, уметнички слики до најразлични работи што ги поседува. Сите тие предмети се купени со љубов и зрачат со енергија на еден трагичен и блескав живот. Ова лудо однесување на Клер ја враќа нејзината ќерка Мери, која по 20 години доаѓа да ја види.
Катрин Денев и Кјара Мастројани ги играат главните улоги, во режија на Џули Бертучели. Бертучели го има своето режисерско деби во 1993 година, позната по своите документарни филмови, за кои често е наградувана. Нејзиниот прв игран филм „Откако замина Отар“ ја доби врвната награда на критичарите на Филмскиот фестивал во Кан во 2003 година.
Филмот „Клер Дарлинг“ игра во редовниот репертоар во „Синеплекс“ – Скопје, „3Д кино“ – Битола и во „Киноверзум“ во Свети Николе.