Нашите годинашни евровизиски претставници, членовите на групата „Ај кју“, во понеделникот ја имаа првата официјална проба во арената „Алтис“ во Лисабон, Португалија.
Всушност, тие први од учесниците се качија на сцената каде што ја исполнија песната „Lost And Found“, со која ќе ја претставуваат Македонија на првата полуфинална вечер на 63-то издание на „Евросонг 2018“, што ќе се одржи на 8 мај.
На првата проба, освен Бојан и Марија, ги видовме и тапанарот Иво Митковски и придружните вокали Антонија Гиговска, Дина Јашари и Валери Димовска, а снимката од овој настап веќе е објавена на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб. За интересната кореографија се погрижи Јана Андрејевиќ-Лазарева. Како и во видеото за песната, Марија шета низ сцената и со допир ги „оживува“ другите членови од бендот, притоа танцувајќи заедно со придружните вокали.
Сите членови на бендот се задоволни од пробата, но и од организацијата и целокупната атмосфера на годинашниот „Евросонг“. Во португалската престолнина пристигнаа делегациите на сите 43 земји-учеснички, кои во извонредни услови, со помош на љубезните домаќини се подготвуваат за големиот музички спектакл, кој се вбројува меѓу најгледаните настани во светот.
Со повеќето од нив нашите претставници се запознаа за време на предевровизиската турнеја во Израел, Холандија и во Шпанија.
Инаку песната „Lost And Found“ е дело на водачот на групата Бојан Трајковски, а аранжманот е на Дарко Димитров, кој досега неколкупати учествувал на овој престижен натпревар.
Македонија е 11-та на првата полуфинална вечер, на која ќе настапат и претставниците на Хрватска, Австрија, Грција, Швајцарија, Финска, Ерменија, Кипар… Да се надеваме дека овој пат ќе успееме да влеземе во финалето, каде што последен пат во 2012 година нѐ однесе Калиопи“ со песната „Црно и бело“.