Арета Френклин е пејачка, пијанистка и кантавторка од САД, кралица на соулот и меѓу најдобрите изведувачи на госпел, ритам и блуз и џез-музиката. Музичка дива што нижеше успеси во кариерата и неуспеси во приватниот живот. Важеше за пејачка со божествен глас. Гласот ѝ беше најсилно оружје. Глас со распон од 4 октави, а благодарение на него стана позната, респектирана и признаена. И навистина, вистинската и единствената кралица на соулот. Во кариерата, која траеше повеќе од 60 години, пееше пред државници, кралеви и папи. Пееше и на закопот на Мартин Лутер Кинг, но и на инаугурацијата на тројца претседатели на САД – Џими Картер, Бил Клинтон и Барак Обама. Ќерка е на баптистичкиот проповедник Кларенс Френклин и на извонредната пијанистка и пејачка на соул-музика Барбара Сигерс.
Поради неверствата и разуздениот живот на татко ѝ, Барбара ги напушта, што е прва траума за Арета, а три години подоцна, кога умира нејзината мајка, таа повторно и дополнително се трауматизира. Кога наполнила 12 години го придружувала својот татко на неговите турнеи, на кои проповедал баптистичка религија, кој не внимавал со кого таа го минува слободното време, па така за две години, таа раѓа два сина, Кларенс и Едвард, од различни татковци, чиј идентитет никогаш не го открила. Во нивниот дом доаѓале музички величини од рангот на Сем Кук, Махалија Џексон, Фатс Домино, Нет Кинг Кол, Дјук Елингтон и други. Од нив Арета ги впивала најубавите звуци, акорди, тактови и гласови, т.е. се запознала со целокупното музичко умеење и изведбена вештина што овие славни музичари ја поседувале.
И како што обично бива, веќе на 14 години го снимила својот прв албум со госпел-стандарди, „Songs of Faith“, и веднаш покажала дека е чудо од дете со спектакуларни гласовни можности. На 18 години оди во Њујорк и започнува интензивна, динамична и богата музичка кариера, другото е веќе историја, во која таа е најголема соул-легенда. Најпозната е по хитовите „Respekt“, „Chain of Fools“ и „You Make Feel Like A Natural Woman“. Песната „Respekt“ до денес останува симбол за моќта на жените. Најпрвин била песна за традиционалните семејни вредности. Подоцна, како своја химна еднакво ја прифатија движењето за граѓански права и феминистичкото движење. Денес важи за хит-песна што ги постави на исто ниво и мажите и жените. Други познати нејзини хитови се „Jump To It’“, „Freeway of Love“, „A Rose Is Still A Rose“, „Day Dreaming“. Во 1968 година го снима албумот „Lady Soul“, кој е еден од најимпресивните соул-албуми на сите времиња. За мене, како голем обожавател на оваа музичка дива, таа е највпечатлива во дуетот со Џорџ Мајкл, со кого го изведува мегахитот „I Knew You Were Waiting For Me“. Прекрасна музика, добар текст, блескава сценска изведба. Два хармонични гласа, кои како да се гонат, престигнуваат и испреплетуваат. Музичко совршенство.
Кралица на соулот, моќна на сцената, ама и кралица на драмата, која тешко се носеше со грешките, промашувањата, тагата и губитоците. Несигурна и со хаотичен љубовен и сексуален живот. Иако доминираше со музичката сцена, приватно таа никогаш не се ослободи од вродената срамежливост и интровертност. Удобно се чувствувала само во друштво на тие што ги познавала и ѝ биле блиски. Најсреќна била кога била дома, во кујната, каде што готвела најразлична храна, која ја консумирала во големи количества, па, така, од секогаш имала проблеми со тежината. Кога на ова ќе се додадат проблемите со алкохолот, депресијата и кавгите со колегите со кои соработувала, исценирани од неа, поради нејзината несигурност, тогаш сликата за нејзините неуспеси во приватниот живот е малку појасна. Познати се нејзините недоразбирања со Ени Ленокс, Мараја Кери и Витни Хјустон, но сите тие наоѓале разбирање за музичката дива и никогаш не ја обвинувале, и покрај фактот дека таа секогаш без потреба ги започнувала и водела расправиите.
Од друга страна, пак, со својот неповторлив глас и начинот на изведба на музичките песни, инспирира голем број музички уметници, како Том Џонс, Елтон Џон, Лени Кравиц, а Натали Кол, Витни Хјустон и Мараја Кери не криеја и не се срамеа да признаат дека се обидуваат да пеат како неа. Кантавторката Мери Блиџ не случајно изјавуваше дека Арета е дар од бога. Низ песните ја изразуваше својата посебност на начин и стил на кој никој друг не можеше да му се доближи, а камоли да го имитира.
Нејзиниот стил израсна од традицијата на госпелот, а дефинитивно е формиран под влијание на Махалија Џексон и Реј Чарлс. Нејзиниот глас има широк опсег и со еднаква моќ изведува госпел, соул, блуз и поп-музика. Таа беше причина поради која жените сакаа да пеат.
Зад себе остави два неуспешни брака, четири деца, четири внучиња, имот вреден 60 милиони долари и непроценливо музичко наследство. Има продадено околу 75 милиони музички албуми, добитничка е на 19 награди „греми“, од кои една за животно дело, и прва жена примена во Рокенрол-куќата на славните во 1987 година. Од претседателот Џорџ Буш, одликувана со медал за слобода, највисока цивилна награда во САД. Според списанието „Ролингстоун“, најдобра пејачка на сите времиња.
Вонвременска музичка икона. Титула што ѝ ја признаваат и милиони поклоници на соул, госпел, ритам и блуз-музиката. Арета Френклин почина на 76 години, но нејзината музика вечно ќе живее, бидејќи со секое ново слушање буди најдлабоки емоции во секој што има срце и душа. Таа беше музика, соул и почит.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)