Фото: Маја Аргакијева

„Танец“ има поставено високи стандарди за негување и обработка на македонската песна, игра и свирка, уште во 1949 година и нив ревносно ги почитува сиве овие години, вели директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ

Во годината на јубилеите што веќе е зад нас и националниот ансамбл „Танец“ ги одбележа своите седум децении постоење. Овој чувар на македонскиот бит и амбасадор на македонскиот фолклор низ светот, од генерација на генерација го пренесува пламенот на македонската духовност, спојувајќи ги минатото, сегашноста и иднината низ песните, ората, оркестрациите, кои ја раскажуваат приказната за животот на Македонецот, неговата радост и ведрина, но и тага и болка.
– „Танец“ е „Тешкото“, но и „Невестинското“, „Комитското“, „Калајџиското“, „Тресеница“, „Осоговка“, „Драчевка“, „Чифте“… „Танец“ е секое камче вградено во неговиот комплексен, шаренолик и уникатен мозаик, кој нѐ прави неизмерно горди пред светот. Но пред сѐ,„Танец“ се: Дојчин Матевски, Атанас Коларовски, Глигор Гиле Василев, Емануел Мане Чучков, Трајко Прокопиев… и сите преостанати врвни ороводци, солисти, игроорци, песнопојци, инструменталисти, раководители – велат вработените во овој ансамбл.

Јубилејната година, исполнета со голем број настапи низ светот, беше заокружена со голем новогодишен концерт, кој се одржа на 20 декември во Македонскиот народен театар, кога беше промовирана и монографијата „Остани во чекор“ од Кирил Тодевски, искусен и реномиран етномузиколог. За уметничката директорка на „Танец“ и координаторка на проектот „Остани во чекор“, Бранка Костиќ Марковиќ, самиот наслов на монографијата „Остани во чекор“ е во согласност со мотото на целата оваа јубилејна година на „Танец“.

– Да се остане во чекор и со традицијата и со модерното време е голем предизвик, но „Танец“ успева во тоа. Доказ е и оваа монографија, која ги обединува архивските материјали и новите фотографии, на еден неконвенционален и современ дизајнерски начин, кој веруваме ќе допре со својата убавина до сите љубители на музичко-сценскиот фолклор, но и до оние што првпат се среќаваат со македонската култура. Во книгата, покрај авторскиот текст на познатиот македонски етномузиколог Кирил Тодевски посветен на десетте антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“ (кореографиите „Тешкото“, „Невестинско“, „Комитско“, „Седенка“, „Драчевка“, „Осоговка“, „Водарки“, „Тресеница“, „Тропнало оро“ и „Свадба“), се поместени и сите нотографии на кореографските поставки направени од музикологот Марко Коловски – посочи Костиќ Марковиќ.

А Марко Коловски, извесен период беше и раководител на „Танец“ и тоа во период на непресушен ентузијазам и инвентивност.
– Славна е историјата на нашиот најголем културен амбасадор – ансамблот „Танец“. И горд сум што во еден период (кој, за моја сатисфакција, беше именуван како посебна, четврта фаза во развојот на ансамблот во најново промовираната монографија) раководев со него. Направивме во тоа време недобројни концерти, од Сиднеј и Мелбурн, Рим и Париз, Москва и Санкт Петербург, Виена и Брисел, Истанбул и Атина и уште каде и не, настапивме во најпрестижните сали (од сиднејската „Опера хаус“ и „Енмур театар“ до „Сава центар“, „Лисински“, „Цанкарјев“, УНЕСКО во Париз.

Остваривме дотогаш неостварени програми, посебно кореодрамите „За здравје и бериќет“, „Македонска љубовна приказна“, „Бистри води“ и многу други. Со нас настапија најпознатите македонски уметници и групи: Тоше Проески, Влатко Стефановски, Борис Трајанов, Виолета Томовска, „Синтезис“, Драган Даутовски и уште многу други. Тоа беше време, и за мене и за ансамблот, на невидена страст и занес, на непресушен ентузијазам и инвентивност, на сплотеност и несопирлив елан. Бевме тим што дише во еден здив, а чекорот и музиката се во нестварна совршеност. Таа страст со која ги живеев тие три-четири години сѐ уште ме храни и ме прави среќен што со еден свој дел сум учествувал во таа заедничка мисија и сум се вградил во историјата на македонската држава – ни рече Марко Коловски.

Сузана Спасовска, како солистка првенка на „Танец“ со својот глас, скоро седум години ги украсува убавите македонски народни песни што се дел од репертоарот на ансамблот, а како надворешна членка со ансамблот соработува многу години.
– Како надворешна соработничка јас доста патував со „Танец“, па ако ги изброиме сите тие години бројката ќе биде навистина голема. Многу сум среќна кога сум со нив, прекрасна екипа се, а најмногу нѐ зближува фактот што на сите нас музиката ни е живот – нагласи таа.


„Танец“ има поставено високи стандарди

Според директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ, овој ансамбл е „македонски бренд, подвижен музеј со илјадници концерти дома и надвор.
– „Танец“ има поставено високи стандарди за негување и обработка на македонската песна, игра и свирка уште во 1949 година и нив ревносно ги почитува сиве овие години. Воопшто не е едноставно во исто време да се биде блиску до изворот и паралелно да се наметнуваат новите уметнички форми на третирање и презентација на фолклорните добра. Целата наша програма во јубилејната година беше конципирана и реализирана според овие начела и сметам дека успеавме во тоа зад нас да оставиме сезона за почит и гордеење. Годинава посетивме многу македонски градови, одржавме голем велигденски и импресивен јубилеен концерт, бевме дури на три меѓународни патувања. Од првото во Париз, оркестарот донесе гран при, од второто во Шведска и третото во Австралија се вративме многу поискусни и целосно свесни за нашата голема вредност. Одржавме и четири врвни концерти пред публиката во Мелбурн, Канбера и во Сиднеј. Круна на јубилејната година се новогодишниот концерт и оваа прекрасна книга. Многу се радувам што во рацете ја имам оваа монографија, која ќе нѐ потсетува на 70-годишнината и ќе нѐ мотивира да бидеме уште попродуктивни во ситнењето на осмата декада на „Танец“ – нагласи Вучиќ.