Девојки од модното студио „Црнокрак“ неодамна учествуваа на два интернационални избори за убавина. Едниот се одржа во Анталија, Турција, каде што се избираше кралица на Евроазија, а другиот во Лонган, Кина, на кој учесничките конкурираа за титулата „мис глоуб туризам“.
На двата избора девојките од Македонија успеаја да освојат титули. Во Турција 21-годишната кумановка Ангела Спасовска беше прогласена за кралица на Медитеранот како најубава од девојките од медитеранските држави, а во Кина младата 16-годишна Бисера Цуцулова од Скопје ја освои титулата мис потенцијал, како најдобра во конкуренција на учеснички до 18 години.
Победничка на изборот во Турција, на кој учествуваа 40 девојки од Евроазија, беше претставничката на Русија, а во Кина во конкуренција на 60 девојки од исто толку држави од целиот свет победи убавицата од Франција.
Девојките од модното студио „Црнокрак“, кое ги има лиценците за овие избори, се претставија во Кина и во Турција во креации на нашите модни дизајнерки Љумние Љоки и Соња Методиевска.