Петтиот циклус на проектот за поддршка на младите таленти од областа на науката, културата, уметноста и спортот успешно е завршен. Овој пат 2.500 евра за унапредување на својот талент доби Ангела Георгиевска од Пробиштип.
Нејзина голема љубов е танцот, а како што вели, парите што ги доби ќе ги искористи да се подготви за европски натпревари и за уште повеќе да ја збогати својата колекција на освоени медали. Вели дека додека танцува по тактот на музиката, светот околу неа исчезнува. А дека сите уживаат во нејзините перформанси, па и најстрогите критичари, доказ се 73-те освоени медали и 43-те добиени трофеи.
– Последните три години, заедно со моите пријателки Ева и Дајана, сме фокусирани на модерниот танц. Немавме многу пари, па се пријавувавме само на регионални натпревари, ама успесите не изостанаа. Пресреќна сум што најпосле ќе можеме да се подготвиме и за поголеми, европски натпревари – вели Ангела.
Нејзино мото е „Не вежбај да успееш, вежбај за да не згрешиш“. Ангела се надева дека проектот „Ново име“ ќе трае, бидејќи има многу млади луѓе што ја чекаат својата шанса да бидат забележани и да успеат.
Проектот „Ново име“ во целост е поддржан од компанијата „ХТЛ Македонија“, со своите брендови, членки на групацијата „Новоматик“.
И во наредниот период сите млади на возраст од 16 до 30 години, кои сметаат дека поседуваат талент и сакаат да го споделат, да добијат поддршка и да го унапредат, би требало да ги испратат своите пријави до 15 септември.