Оваа година на фестивалот настапија повеќе од 2.500 диџеи, а на конференцискиот дел учествуваа над 550 говорници. За време на петдневниот настан, целиот град личеше на огромен подиум, наменет за љубителите на електронската музика, односно повеќе од 160 клуба и кафулиња и специјално изградени монтажни објекти беа дел од мапата на фестивалот
Маја Трајковска,
специјално за „Нова Македонија“ од Амстердам
Рекордни 400.000 посетители беа дел од најголемиот клупски настан во светот „Амстердам денс ивент“, кој до неделата се одржуваше во главниот град на Холандија. Оваа година на фестивалот настапија повеќе од 2.500 диџеи, а на конференцискиот дел учествуваа над 550 говорници. За време на петдневниот настан, целиот град личеше на огромен подиум наменет за љубителите на електронската музика, односно повеќе од 160 клуба и кафулиња и специјално изградени монтажни објекти беа дел од мапата на фестивалот. За време на 23-от АДЕ, холандскиот главен град, освен на забави, беше домаќин и на безброј дискусии за електронска музика, школи за електронска музика и издавачки куќи. Фестивалот е на највисоко место во календарот на продуцентите во оваа индустрија, кои доаѓаат од целиот свет за состаноци и за проширување на својата мрежа на соработници. Овој фестивал претставува најважната деловна платформа за електронска музика.
Меѓу најинтересните, кои предизвика огромно внимание за време на конференцискиот дел, беше Ниле Роџерс, фанк-ѕвезда и продуцент, кој има соработувано со имиња како Дејвид Боуви и Мадона, кој во своето едночасовно обраќање ги повика уметниците да имаат отворен ум и секогаш да го задржат вниманието на слушателите.
– Сакам да работам со нови уметници. Тие се оние што доаѓаат со нови идеи и секогаш се инспиративни – рече Роџерс.
Од концертите, внимание предизвика англиското дуо од 1990-тите „Орбитал“, кое имаше два концерта во клубот „Парадизо“. Клубот е во објект на црква, која била изградена во 1879 година и се наоѓа во центарот на градот. За време на вечерните забави присуствуваа речиси сите познати диџеи од целиот свет, а меѓу најпознатите имиња беа: Мартин Гарикс, Дејвид Гета, Бонобо, Соломун, Нина Кравиц, Тејл оф ус… Мартин Гарикс по трет пат беше избран за најдобар диџеј во светот, според познатиот магазин за електронска музика „ДиЏејМаг“, кој ги избира најдобрите 100 за годината. Во првите пет најдобри се најдоа и дуото Димитри Вегас и Лајк Мике, Хардвел се најде на третото место, Армин ван Бурен на четвртото и Дејвид Гета на петтото место.
Неодамна беше објавена и листата на најплатени диџеи во светот. На првото место веќе шеста година по ред се наоѓа Келвин Харис, со заработка од 48 милиони долари во 2017 година, а најплатен холандски диџеј е Тиесто, со заработка од 39 милиони долари за минатата година.
Според истражувањето од 2012 година за електронската музичка сцена, оваа индустрија е проценета на четири милијарди евра, а порастот на електронската музика се должи на брзиот подем на користењето на Интернет. Според информациите на холандската ИНГ банка, годишно холандските граѓани трошат околу 360 милиони евра на фестивали, или, во просек, по 140 евра на еден фестивал. Гледајќи напред, анкетата проценува дека глобалната електронска музичка индустрија би можела да вреди речиси 9 милијарди долари до 2021 година доколку целокупната музичка индустрија продолжи да расте според планираната стапка.