Научниците произведоа вештачки мозок во лабораторија, кој се развива како човечкиот, што може да обезбеди подобар увид во болестите како што се Алцхајмеровата болест или шизофренијата.
Американски научници од универзитетот „Калифорнија“ во Лос Анџелес спровеле широка генетска анализа на таканаречените органоиди на кои им било овозможено да се развиваат и да растат во лабораториски услови и до 20 месеци. Она што научниците го откриле е дека вештачкиот мозок расте во фази што се совпаѓаат со развојот на мозокот кај бебињата.
Истражувањата укажале дека органоидите на вештачкиот мозокот може да се развиваат и понатаму од феталната фаза, што е спротивно на она што претходно се веруваше.
Со оглед на ова откритие, органоидите можеби можат да созреат до тој степен што научниците би почнале да ги користат за да ги проучуваат мозочните болести кај повозрасните лица, како што е деменцијата.
Органоидите се создаваат од таканаречените индуцирани плурипотентни матични клетки, од кои можат да се развијат многу други видови клетки.
Матичните клетки што ги користеле научниците се добиени од клетките на кожата и крвта, а биле репрограмирани за да се вратат во ембрионална состојба.
Кога клетките се изложени на соодветни хемикалии и услови, тие се развиваат во мозочни клетки и се самоорганизираат за да произведат тродимензионални структури, кои се верна реплика на одредени аспекти од развојот на вистинскиот човечки мозок.
Научниците веќе користат органоиди на човечкиот мозок за да ги проучат невролошките нарушувања, вклучувајќи аутизам, епилепсија и шизофренија.
Целосните наоди од студијата се објавени во списанието „Нејчр неуросајенс“.