Амбер Херд била подложена на смртни закани и мизогинистички напади на социјалните мрежи за време на судењето на Џони Деп, што направиле таа да се чувствува „потиштена и депресивна“, тврди Хелена Кенеди, која се сретнала со актерката додека случајот бил пред Кралскиот суд на правдата во Лондон, пренесува „Гардијан“.
Спротивставувањето на Херд против нападите и семејното насилство од страна на Деп не требаше да ја лишат од јавната поддршка, тврди водечкиот адвокат за човекови права.
– Сè уште постојат клише митови за тоа како треба да изгледа една жена која заслужува заштита од страна на законот. Повредените жени мора да изгледаат кротки и потчинети за да го добијат нашето сочувство? Јас застапувам жени кои го трпат сето тоа, но кога ќе се спротивстават, тие како да го губат правото на сочувство од јавноста – вели Кенеди.
Во понеделникот, Високиот суд утврди дека британскиот таблоид „Сан“ оправдано го опиша Деп како „тепач на жени“, откако судијата изјави дека 12 од 14 обвинувања што ги направила Херд за напад биле докажани како оправдани.
– Херд добивала постојано закани за време на сослушувањето и тоа е една од причините зошто се чувствува слабо. Ова е уште една работа со која жените постојано треба да се соочуваат, мизогинистички напади преку Интернет – вели Кенеди.
Џеси Филипс, министер за семејно насилство, исто така се пожали за „атентатот врз личноста на Херд од страна на медиумите“.
– Злоупотребените жени не се сите еден вид совршена слика за жртва кои би поттикнувале сочувство од сите што ќе ги сретнат – забележа Филипс.
Додека Херд добиваше анонимни смртни закани на социјалните мрежи, а понекогаш мораше да има и полициска придружба, Деп уживаше во поддршката од страна на неговите обожаватели кои се собираа пред Кралскиот суд секој ден за време на судењето. Во споредба со Херд, Деп исто така доби и поголема поддршка од нивните колеги актери, како и од светски познати личности.
– Има нешто доста старомодно во Деп, со овие негови манири, ништо од тоа нема смисла. Но, човекот не е глупав. Тој немаше да се впушти во ова ако знаеше дека погрешил – изјави минатиот викенд Хелена Бонам Картер.
Деп е кум на нејзините две деца со поранешниот сопруг, филмскиот режисер Тим Бартон.
Во 2017 година, кога првпат избија на површина обвинувањата за злоупотреба од страна на Деп, писателката Џ. К. Роулинг даде изјава во одбрана на кастингот на Деп во нејзиниот филмска серијал „Фантастични ѕверови“. Нејзиниот агент, Нил Блер, исто така присуствуваше на дел од судскиот процес.
Деп треба да ја повтори улогата на Гелерт Гринделвалд во третиот дел на „Фантастични ѕверови“. Тој сè уште не ги снимил неговите сцени за филмот, чија премиера е закажана за ноември в година. Двата претходни филма заедно заработија повеќе од 1,4 милијарди долари на светскиот бокс-офис, а отстранувањето на Деп од сегашната продукција претставува значителен комерцијален ризик за серијалот.