Новиот албум на Влатко Стефановски, „Taftalidze Shuffle“, е номиниран за европската награда „импала“. За единаесеттото издание на манифестацијата, на која ќе бидат доделени овие престижни музички награди за најдобар албум, се номинирани 25 албуми од сите делови на Европа.
Со тоа уште еднаш се докажува разновидноста на европската независна музичка сцена. Меѓу номинираните, кои беа избрани оваа година од членовите на РУНДА, регионално здружение на независни дискографи, е и албумот „Taftalidze Shuffle“ на Влатко Стефановски, објавен за најголемата регионална дискографска куќа „Кроација рекордс“.
Сите 25 номинирани албуми носат различни музички стилови, од фински поп до француска електроника, преку балканска ска-музика, дански блуз, до еклектичен музички израз на номинираните британски изведувачи.
– Оваа година списокот вклучува 25 врвни албуми! Ова е одличен начин да се посочат одлични музичари што доаѓаат од различни делови на Европа. Изминатата 2020-та беше тешка година, но оваа листа на номинирани е ветер во грбот за добар почеток на 2021 година – изјави извршната директорка на „Импала“, Хелен Смит, по објавувањето на списокот на номинираните.
„Taftalidze Shuffle“ е најново студиско издание на македонскиот виртуоз, а деветте песни снимени во неговото студио „Езотерија“ сигурно ќе ги израдуваат сите љубители на добрата музика. Влатко, како и многумина досега, им го посвети овој албум на своето Скопје и на маалото Тафталиџе, кое има посебно место во неговото срце.
Песните се многу интимни и лични, а сепак толку блиски до сите, токму поради сензибилитетот што го носи неговата музика. Авторството на музиката, текстовите и аранжманите и продукцијата на сите девет песни ги потпишува самиот Влатко.