Петар Георгиев-Калица, музичар
За Битола велат дека е најопеаниот град, не само во Македонија туку и пошироко, на Балканот. Ни најдобрите музички хроничари не можат точно да кажат колку песни се напишани и испеани, ги има безброј. Некои се заборавиле веднаш, уште по првото пеење, некои останувале запаметени со години, други со децении, но песната „Битола, мој роден крај“ на сега веќе покојниот Ајри Демировски е антологиска и вечна, ретко кој не знае да ја испее. Но уште една песна го носи епитетот антологиска, тоа е „Ако одам во Битола“, чиј автор е Петар Георгиев-Калица, човекот што оваа година го доби највисокото признание на градот под Пелистер, наградата за животно дело.
Добар адвокат, талентиран текстописец и музичар
Петар Георгиев-Калица (69) во родната Битола завршува основно и средно музичко образование, отсек виолончело. Подоцна се запишува на Правниот факултет и долги години работи како правник во ЈП „Стрежево“. По положениот правосуден испит, тој долги години работи како адвокат. Во младоста членувал во многу музички групи во Битола.
Иако има напишано десетици извонредни песни, кои се пеат на сите забави, прослави и разни манифестации, сепак „Ако одам во Битола“ е вистински хит, а многумина велат дека е химна на градот. Во неа се отсликува целокупната традиција на градот и животот на битолчани од памтивек до денес, што се чувствува уште во првиот стих: „Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак. А на Дембел-чаршија кафе ќе се напијам, младост мило ќе си спомињам…“
Како што вели Калица, иако со години се подготвувал да ја напише оваа песна, ја создал само за пет минути. Првпат е испеана на „Фолк-фест Валандово“, во изведба на октетот „Македонија“ и ја добива третата награда од жирито.
– Песната ја напишав во еден здив и, за да не ја заборавам, веднаш ја снимив на касетофон, а подоцна ја пуштив на конкурсот за фестивалот во Валандово. Таа беше изведена како што ја снимив првиот пат, без некакво дотерување. Но ни на крај памет не ми беше дека ќе стане толку голем хит и дека народот толку ќе ја прифати. Токму поради нејзината популарност меѓу луѓето и јас веќе ја доживувам како да е народна – вели Петар Георгиев-Калица.
„Ако одам во Битола“ е искористена како музичка илустрација на многу документарни и музички настани посветени на Битола и досега има 12 преработки. Ја испеа и Тоше Проески и таа е дел од неговиот албум „Божилак“. „Битолски весник“, најстариот локален печатен медиум во државата, кој опстојува цели 57 години, секоја манифестација „Избираме најуспешни битолчани“ ја почнува токму со „Ако одам во Битола“.
Стариот џумбушлија чека да си замине пандемијата
Покрај најпозната „Ако одам во Битола“, Калица напишал уште десетици други песни, од кои некои се вистински хитови. Во 1989 година, тој постигнува голем успех на „Макфест“, каде што учествува како композитор и текстописец на македонскиот хит „Летај ми, летај, гулабе“, во изведба на неодамна починатиот хрватски пејач Крунослав-Кичо Слабинац. Оваа песна го освои второто место, заостанувајќи зад првопласираната само еден глас. Таа година Калица ја добива и наградата за најдобар текст на фестивалот, а песната стана македонски евергрин. На „Макфест“ учествува и во 1991 година, како композитор на песната „Розите пак се тажни“, во изведба на словенечката пејачка Симона Вајс. Како автор двапати учествувал и на „Скопје-фест“, на кој се избираше македонски претставник за „Евровизија“. Во 1991 година ја напиша сѐ уште актуелната „Стариот џумбушлија“, која на „Фолк-фест Валандово“ ја отпеа српска пејачка Ана Бекута. Иако го освои четвртото место, оваа мелодија стана голем хит во Македонија и наредната година ја освои наградата за најслушана меѓу два фестивала. Како што вели, инспирацијата ја добил од многубројните седенки со своето друштво.
– Битола е град на серенадите и на многу џумбушлии, кои сакаат да седат, да прикажуваат и да уживаат по битолските меани – вели Калица.