Фронтменот на „Парни ваљак“ последен пат бил во Скопје, кога Барбара била во шести месец од бременоста. Сега Аки е во Словенија, бидејќи сака да мине повеќе време со ќеркичката Антонија
Аки Рахимовски (64), фронтменот на „Парни ваљак“, неодамна стана татко по трети пат. Ја доби ќерката Антонија, со 27 години помладата девојка Барбара Весел, од Словенија. Од претходните бракови го има синот Кристијан и ќерката Едина и веќе е дедо.
Аки е познат по тоа што вешто го крие својот приватен живот од медиумите, па и врската со Антонија долго ја држел во тајност, а за раѓањето на ќеркичката се дозна по три месеци.
Негови блиски пријатели во Македонија ни потврдија дека тој со Барбара неколкупати доаѓал во Скопје и во некои други градови во земјава, но ги замолил да не ја шират приказната. Последниот пат биле во Скопје, кога Барбара била во шести месец од бременоста. Моментно тие се во Словенија, каде Аки се преселил за да мине повеќе време со ќеркичката и со 27 години помладата Барбара, која по професија е здравствена техничарка.
Со втората сопруга Аки минал заедно 40 години во складен брак и до пред неколку години изгледало дека тој и Ингрид се среќни заедно. Но со неа никогаш не се појавувал во јавноста, бидејќи таа не сакала да се експонира.
Пред една година Аки имаше здравствени проблеми, но тоа брзо го санираше и продолжи со настапите и снимањата.
На неодамнешното доделување на регионалните награди „мас“, Аки Рахимовски беше номиниран во категроијата соработки, за песната „Мајко“ на Игор Атанасоски Харе, кој е автор на музиката и на текстот, а продуцент е Диран Тавитјан. Впечатливиот спот го режираше Огнен Шапковски. На маниефстацијата „МАС“ на групата „Парни ваљак“ ѝ беше доделена награда за најдобра поп-рок нумера за песната „Откуд ти право“, која му беше врачена на Рахимовски.
Инаку, Аки не е единствениот естраден уметник од регионот кој по педесетата станал татко.
Здравко Чолиќ (68), првата ќерка Александра ја доби во 50. година, а по пет години се роди и ќерката Лара. Владо Калембер (66) синот Даријан го доби на 52 години, а некогашниот пејач на „Бијело дугме’, Жељко Бебек (74) стана татко на синот Звонимир на 57 години. Подоцна, кога тој имаше 61 година ја доби и ќерката Катарина. Борис Новковиќ (52) лани ја доби ќерка Си, со 27-годишната манекенка Ирис Волф. Од претходниот брак има два сина.
Во светски рамки вечниот ерген Џорџ Клуни (58) стана татко на близнаците Александар и Ела пред три години.
Мик Џегер (76) сепак е рекордер. Фронтменот на „Ролинг стоунс“, кој патем е идол на Аки Рахимовски и според енергијата на сцена, многумина го споредуваат со него, го доби осмото дете во 72. година со 40 години помладата девојка, балерината Мелани Хемрик.
М.Т.