Авторка: Лиса Респерс Франс

Си-ен-ен

Адел отсекогаш добро се чувствувала во своја кожа. Кога првпат се појави на музичката сцена со нејзиниот деби-албум „19“ во 2008 година, британската пејачка беше критикувана заради прекумерната тежина. Потоа реши да ослаби, но очигледно тоа не беше доволно за некои луѓе. Во 2012 година, познатиот моден дизајнер Карл Лагерфелд се извини откако, наводно, освојувачката на „греми“ ја нарекол „предебела“. Секако Адел го возврати ударот.

– Никогаш не сакав да изгледам како манекенка од насловните страници. Го претставувам мнозинството од жени и многу сум горда на тоа – изјави тогаш 23- годишната пејачка за списанието „Пипл“.

Во истиот период таа дискутираше за изгледот со Андерсон Купер од Си-ен-ен, во интервјуто во емисијата „60 минути“, во кое порача дека никогаш не чувствувала притисок да изгледа поинаку.

– Никогаш не ми беше целта да изгледам како лицата од насловните страници на списанијата и музичките спотови за да бидам успешна – изјави таа.

Оттогаш, Адел забележа уште поголеми успеси како уметник. Таа исто така стана мајка, се омажи и се разведе. На објавата на Инстаграм од средата во чест на нејзиниот 32-ри роденден, Адел изгледа најслабо откако стана позната.

Ние како општество обожуваме да правиме споредби на пред и потоа кога станува збор за ѕвездите. Секоја трансформација на позната личност, без разлика дали е физичка или не, честопати ја наведува јавноста да оценува дали е позитивна или негативна. Но дали пофалбите за сегашниот изглед на Адел се критика за нејзината претходна слика? Дали ја одобруваме нејзината трансформација?

Не е дека и слабата Адел не претрпе критики. Нејзината најнова фотографија предизвика лавина коментари на социјалните мрежи каде што луѓето веќе претходно го оценуваа нејзиното очигледно слабеење уште во јануари. Тогаш „Ти-ем-зи“ објави статија со наслов „Адел не може да ги задоволи сите. Фановите сметаат дека е преслаба“ откако беа објавени нејзини фотографии на кои таа изгледа особено витка на плажа во Ангила, британската територија на Карибите.

Кога станува збор за славните, многумина сметаат дека имаат право послободно да коментираат за нив, бидејќи ја купуваат нивната музика или ги гледаат нивните филмови. Знаеме за нив, но не ги познаваме вистински, па што има лошо во тоа да го дадеме своето мислење за нив. Но, Адел сама одлучува за нејзиното тело и нејзина работа е како ќе изгледа, што не е одраз за нејзината уметност, прекрасен талент или професионален успех. Таа продаде милиони албуми, имаше четири хитови на првото место на топ-листите, освои 15 награди „греми“ и наполни безброј концертни сали додека изгледаше различно.

Точно, Адел успеа да ослаби, но без разлика на тежината на вагата, таа и натаму е прекрасна жена која создава прекрасна уметност.

– Постојат поголеми проблеми во светот од тоа како јас се чувствувам и некои слични дилеми – изјави Адел за нејзиниот изглед во интервју од 2015 година.

Секоја чест, Адел.

Превод: Билјана Здравковска