Уште еден познат македонски музичар и композитор ја загуби битката со ковид-19. Во средата нѐ напушти Тодор Трајчевски (67), кој им подлегна на компликациите од коронавирусот, по десетдневно лекување на Инфективната клиника во Скопје.
Според неговите пријатели и колеги, кои со одбрани зборови се простуваат од него на социјалните мрежи, Тодор Трајчевски ќе остане запаметен како врвен композитор, аранжер и инструменталист, вистински виртуоз на хармоника. За жал, не го дочека пензионирањето, кое требаше да се случи во септември.
Тодор Трајчевски е роден на 3 август 1954 година, во Штип. Веднаш по дипломирањето на Музичката академија во Скопје, тој се вработил во Големиот народен оркестар на МТВ, каде што помина цели 40 години, подолг период и како негов раководител, а бил и прв човек на фолк-фестивалот „Цветници“. Но Тодор беше постојан учесник речиси на сите фестивали во Македонија.
Соработувал со голем број македонски фолк-ѕвезди и музичари. Пишувал и класични композиции, главно за тромбон и клавир, во соработка со „Дуо Рибарски“.
Автор е на повеќе од 200 песни, над 400 аранжмани и композиции за големиот народен оркестар „Фолк-загатка“, „Чие е она девојче“, „Изникна ми бадем дрво“, „Кинисала Роса“, „Повардарско оро“ и многу други. Ќе остане запаметен по многу фолк-евергрини, меѓу кои се и: „Ти верував докрај“, која Сузе Спасовска во 1993 година ја испеа на „Цветници“, и „Утринска коба“, која ја испеа Зуица Лазова на истиот фестивал.
Простувајќи се од Трајчевски на социјалните мрежи, Сузана Спасовска напиша: „Драг Тошка, од самиот почеток на мојата кариера ме воздигна со хитовите кои вечно ќе траат: ‘Кога љуби мома млада’, ‘Робинка’, ‘Плати ми’, вонвременската ‘Ти верував докрај’ и многу други. Ти благодарам што имав бескрајно почитување, што чувствував дека сум посебна за тебе во музичката дејност, што од самиот почеток на мојот пат во музиката ми даде сила и поткрепа за следни чекори во кариерата“.
Зуица Лазова, која ја испеа неговата „Утринска коба“, значајна песна во нејзината кариера, напиша дека секогаш ќе му биде благодарна за маестралните музика и аранжман на „Утринска коба“ и оти Тодор многу ќе ѝ недостига во македонската фолк-музика.
За Тоде Новачовски, Трајчевски е „еден од нашите најдобри музички професионалци, без кои развојот на македонската музика би бил незамислив“, а Душко Георгиевски се прости од Тодор со зборовите: „Македонија денес загуби голем човек, голем музичар и голем патриот“.
Мишко Талески вели дека Трајчевски е маестро во вистинската смисла на зборот, а за Сашо Ливрински тој бил идол и важна личност во неговиот живот.
„Ти беше комплетен музичар, аранжер, инструменталист, водач на Народниот оркестар на МРТ и симбол на македонската музичка култура“, со овие зборови Перо Христов се прости од Тодор Трајчевски.