Комерцијалните авиони не се познати по напредната технологија, бидејќи во голема мера останаа исти со децении, но новиот дизајн привлекува внимание, особено затоа што целта на авионската индустрија е да ги намали потрошувачката на гориво и емисиите на јаглерод.
Концептот на новиот авион неодамна го претстави компанијата „СЕ аеронаутикс“, а нејзиниот пристап кон дизајнот е невообичаен, бидејќи авионот има три пара крила, двојни опашки и два задни мотори.
Станува збор за прототипот СЕ200, авион што може да собере 264 патници и кој ќе троши 70 проценти помалку гориво од другите авиони со слична големина. Ќе може да лета 16.900 километри без потреба од слетување, а неговата максимална брзина ќе биде нешто повеќе од 1.110 километри на час. Оваа брзина е поголема од брзината на авион од иста класа. Исто така, дополнителниот пар крила создава поголема пловност, што резултира со пократко полетување и слетување, со што се овозможува и користење помали аеродроми.
Новиот концептен авион нема да има гориво во своите крила, поради што дизајнерите можеле да се фокусираат на потенок и аеродинамичен дизајн. Горивото во овој случај ќе биде во резервоарот над трупот. Прототипот има интегрирана монококна структура од еден дел, која ќе биде посилна и побезбедна од постојната што се распаѓа во случај на несреќа, бидејќи е составена од делови. Покрај тоа, употребата на композитни материјали ќе го направи авионот еден од најекономичните, а неговиот животен век ќе трае 50 години. Производството на авиони ќе биде двојно побрзо, а извршниот директор на „СЕ аеронаутикс“, Тајлер Метјус, изјави дека концептот ќе направи револуција во авионската индустрија. Во изминатиов период беа презентирани неколку различни концепти на авиони фокусирани на економичноста, а меѓу нив, авионот „флаинг-В“ е развиен за да биде економичен, да може да прими 314 патници и да има голем опсег.