Далечната планета-џуџе наречена „Гоблин“ е откриена со опсервациите што ги редефинираат сфаќањата за Сончевиот систем, пренесува „Гардијан“.
Астрономите дојдоа до откритието барајќи ја хипотетичката масивна планета позната како „Планета 9“, за која се смета дека би можела да биде во орбитата подалечна од Плутон, во мистериозниот регион на Ортовиот облак. „Планетата 9“ не била забележана директно, но се чини оти „Гоблин“ е под гравитациското влијание на голем астрономски објект, што оди во полза на тврдењата на истражувачите.
Новооткриениот „леден свет“ претставува издолжена орбита. Кога е најблиску до Сонцето, „Гоблин“ е оддалечен два и пол пати повеќе отколку Плутон, додека оддалеченоста е 60 пати поголема во однос на онаа на Плутон, кога е најдалеку, со што му се потребни 40 илјади години за да го заобиколи Сонцето.
„Гоблин“ е третата мала планета откриена во подалечните делови на Сончевиот систем, по „Седна“ и „2012 ВП113“. Сега се смета дека регионот, за кој некогаш се веруваше дека е студен, темен и празен, претставува богата колекција на егзотични астрономски објекти.
– Сега откриваме како би можеле да изгледаат најдалечните делови на Сончевиот систем и што би можело да се наоѓа таму. Веруваме дека има илјадници џуџести планети во далечните делови на Сончевиот систем – истакна Скот Шепард од научниот институт „Карнеги“ во Вашингтон.
Откритието на „Гоблин“ е направено со осумметарскиот јапонски телескоп „Субару“ лоциран на Хаваите. Истражувачкиот тим ќе прави нова серија на набљудувања во ноември, со цел за откривање на нови објекти.