Иако е истоименик со измислениот лик од серијата „Игра на тронови“, кој ѝ е многу попознат на пошироката јавност, англискиот лекар Џон Сноу даде голем придонес во медицината и придонесе за поуспешна борба против епидемиите
Џон Сноу (1813 – 1858), англиски лекар, е познат по студиите за колера и генерално се смета за татко на модерната епидемиологија.
Неговите најпознати студии вклучуваат истрага за инцидентот со пумпа за вода во Лондон во 1854 година, како и неговиот „голем експеримент“, студија што спореди случаи на колера, од примероци на вода во различни делови на градот – едната користеше вода загадена со канализација, а другата релативно чиста вода. Неговото иновативно размислување и пристап кон контролирањето на оваа смртоносна болест останаа релевантни и се сметаат за примери за епидемиолозите во светот. Репутацијата на Џон Сноу како анестезиолог, со оглед на неговото знаење за етерот и хлороформот, била голема, па затоа од него било побарано да ја контролира употребата на хлороформот кога кралицата Викторија го родила принцот Леополд во 1853 година, како и во 1857 година кога ја родила принцезата Беатрис.
Постигнувањата на Џон Сноу се сметаат за исклучителни, имајќи ги предвид неговото скромно потекло и краткиот живот, кој завршува со мозочен удар кога Сноу има 45 години.
Сноу е роден во Јорк, каде што неговиот татко работел како работник за сортирање јаглен, како првороден во семејство со девет деца. На четиринаесетгодишна возраст го напуштил домот и поминал курсеви по медицина во различни региони на Јоркшир. Во 1831 година, кога ги посетува рударите во рудникот за јаглен, ја има својата прва средба со колерата, болест што подоцна ќе стане центар на неговото научно знаење. До 1836 година, Сноу почнува формално медицинско образование и на крајот се стекнува со звање доктор по медицина на Универзитетот во Лондон.
Во 1849 година станува лиценциран специјалист на Кралскиот колеџ во Лондон. Животот го посветил на истражувања и практикување медицина во лондонскиот кварт Сохо.
Во 1846 година, Сноу дознава за употребата на етерот во Америка за ублажување на болката за време на операциите. Набргу ја совладал неговата употреба и во 1847 година бил назначен за анестезиолог во болницата „Сент Џорџ“. Подоцна истата година почнува да работи на ефектите на хлороформот и развива апарат што ќе ги подобрува безбедноста и ефикасноста на хлороформот. Неговиот успех во употребата на хлороформот во анестезијата на кралицата Викторија доведува до драматично зголемување на социјалното прифаќање на анестезијата. Сноу зборувал опсежно за својата работа со анестетици и на крајот напишал книга „За хлороформот и други анестетици“, која е објавена постхумно во 1858 година.
Многу британски лекари ја истражувале епидемијата на колера. Првата епидемија на колера во Лондон се случила во периодот 1831 – 1832 година, кога Сноу сѐ уште бил на училиште. За време на втората епидемија на колера, од 1848 до 1849 година, тој и другите лекари го основаат Лондонското епидемиолошко друштво, сакајќи да ја советуваат Владата за начините за борба против болеста.
Сноу заклучува дека колерата е предизвикана од микробиолошки агенси или микроби, кои се шират преку директен фекален контакт, загадена вода и валкана облека. Сепак, неговата теорија е во спротивност со тогашната преовладувачка теорија дека колерата се шири од лош воздух, смог или распаѓање на органска материја. За хипотезите се дискутирало многу.
Репутацијата на Џон Сноу се темели на две студии за третата епидемија на колера во Англија. Првата студија се однесува на инцидент со пумпа за вода во областа Сохо, во 1854 година, во кој има смртни случаи, а втората е од истата година, кога ги споредува примероците вода од два различни дела на Лондон. И во двата случаи Сноу ги покажува штетните ефекти на контаминираната вода и предлага стратегии за интервенција за контрола на епидемијата.