Опремите за џоломарите се исти и редовно се одржуваат, а по потреба се изработуваат и нови

Џоломарите се долговековен пагански обичај, кој е задржан во својата изворна форма во кавадаречкото село Бегниште

Џоломарите се дел од пагански, автентичен обичај, кој денеска на Василица се слави и одбележува во кавадаречкото село Бегниште. Жителите на селото со посебни василичарски обичаи ги бркаат лошите духови. Освен за бркање на духовите, џоломарите прават ритуали и за поплодна година.

Бегниште е едно од постарите населени места во Тиквешијата. Најстарите податоци за селото Бегниште датираат од 1519 година. Селото се наоѓа во јужниот дел од општината Кавадарци, во областа Витачево. Малкумина чуле за џоломарите, ретко кој го посетил селото, а уште помалку присуствувале на овој традиционален карневал.
Според етнолозите и жителите, кои секоја година го одржуваат во живот карневалот, ритуалот е зачуван во својата најчиста, изворна форма и затоа е единствен во Македонија.

Џоломарите се будат во раните утрински часови за да се подготват. Тие ги облекуваат своите алишта т.н. чулавки, го црнат лицето со пепел, ги ставаат своите вештачки мустаќи и брада и на крајот ги ставаат клопотарците и ѕвонците на својата половина. Џоломарите треба да изгледаат пострашно од злите духови за полесно да ги избркаат. Целата опрема на еден џоломар е многу тешка и потребна е сила за да се носи.

– Покрај џоломарите во групата има маскирано една баба цела облечено во црно и две невести цели облечени во бело. Во групата имаме и магаре со кое се коледува од куќа во куќа каде што домаќинките нѐ даруваат со брашно, месо, вино, ракија, кој што има. Ритуалот во селото почнува на 13 јануари со палење на огинот што гори цела вечер и цел ден на 14 јануари. Вечерта, на 13 јануари, се маскираат децата, а рано наутро пред зори се маскираат возрасните и ритуалите се изведуваат до зајдисонце. Во групата се маскираат само мажи – вели Орданчо Лазаров, претседател на џоломарите во Бегниште.

Целта на маскирањето на џоломарите е да изгледаат пострашно и да бидат позвучни со клопотарците и на тој начин да ги истераат злите духови.

– Бабата што е облечена во црно ја симболизира старата година што одминува, додека, пак, невестите, кои се облечени во бело, ја симболизираат новата млада година што доаѓа – објаснува Орданчо.

Оваа паганска традиција, која опстојува со векови, сѐ уште е во автентична форма.

– Денеска, како и секоја година на 14 јануари, Бегниште е доста весело и бучно. Ритуалот почнува пред изгрејсонце кога сите џоломари излегуваат на сретсело и целата манифестација трае до зајдисонце. Џоломарите ги коледуваат луѓето со внесување во таканаречениот круг, тропаат со клопотарците и ги удираат со бастуните по задникот додека не успеат да се оттргнат, за здравје секако. Во меѓувреме се приклучува и магарето со кое тројца џоломари и една невеста коледуваат по куќите во селото каде што ги даруваат. Во ритуалот се изведува и џоломарско оро каде што сите џоломари фатени за рамо скокаат во ист такт – раскажува Орданчо.

Опремата за џоломарите се состои од опинци, долги чорапи, волнена ткаена наметка кај нас позната како чулавка, брада и мустаќи изработени од волна, бастун и клопотарци.

– Оваа година имаме набавено нови клопотарци со поддршка на Министерството за култура. Опремите за џоломарите се исти и редовно се одржуваат, а по потреба се изработуваат и нови. Во групата се маскираат само мажи што се физички издржливи.

Нашиот карневал е специфичен и поразличен од другите по тоа што нема импровизации, маската е задржана во својата изворна форма и нема претрпено измени низ годините. Денеска ќе приредиме уште една Василица за паметење. Како и секоја година така и оваа ова ќе биде весел и бучен ден. Се надевам дека секој што ќе нѐ посети ќе си помине убаво и незаборавно – додава претседателот Лазаров.


Слични традиции и во битолските села Цапари и Маловиште

Покрај „Вевчанскиот карневал“, во земјава во чест на пречекот на Стара нова година – Василица се организираат и други карневали со помали размери. Еден од нив е и карневалот во потпелистерското село Цапари во Битола.
Според организацискиот одбор на традиционалниот „Василичарски карневал“, во ова потпелистерско село утре претпладне низ цапарските улици ќе продефилираат 50 маскирани бабари од различни возрасти. Очекувањата на одборот за организација на традиционалниот „Василичарски карневал“ се следната година манифестацијата да добие поголема институционална поддршка, а тоа би придонело за поголемо омасовување на овој долгогодишен карневал.
Сличен карневал од помали размери, но доста интересен, организираат и жителите на потпелистерското село Маловиште во Битола, кое е оддалечено само неколку километри од Цапари.