Во 1960-тите години поп и рок-музиката созреваа со галопирачка брзина. Тоа е период и кога заживеа фолк-музиката. Младите кантавтори и пејачи го искажуваа своето незадоволство преку политички ангажирани текстови во своите песни, преку сарказам и секако преку сатира. Тоа беше нивниот одговор на политичките превирања на тоа време. Тие едноставно земаа гитари во раце и преку своите песни го креваа својот глас во знак на протест. Така е родена и протестната музика – период кога американската фолк-музика доживува голема преродба.
Прва ѕвезда на силниот бран протестна музика е Џоан Баез. Таа е првата фолк-изведувачка што успеа да се пробие на поп-листите, истовремено искажувајќи го својот револт кон тогашниот политички естаблишмент. Со голема страст пееше фолк-балади и госпел-песни на протестни маршови и политички собири. Важи за најангажираниот уметник на бурните 1960-ти години. Му беше блиска пријателка на Мартин Лутер Кинг. Активно се бореше за човековите права и за интеграција на маргинализираните групи и заедници. Прва го дигна својот глас против војната во Виетнам. Пееше на првата ангажирана турнеја на „Амнести интернешнал“. Го инспирираше Вацлав Хавел во неговата борба за создавање на Република Чешка.
Пееше против војната во Ирак, настапуваше во окупирано Сараево и стоеше рамо до рамо со големиот Нелсон Мандела. Позната е и по тоа што во 1963 година го привлече меѓународното внимание кон младиот Боб Дилан, поканувајќи го со себе на сцената и изведувајќи ги неговите песни. Во тоа време младиот Дилан визионерски пееше „The Times They Are Changin“, а 30 години подоцна, поентираше со уште порадикален заклучок, „Things Have Changed“. Џоана Баез како млада беше прва дама на протестната песна, а денес на зрели години на осмата деценија од својот живот, важи за најистакната протагонистка на пацифистичкото движење во светот. Својот имиџ на бунтовна и нескротлива хероина на поп и фолк-музиката го заслужи борејќи се против неправдата и против погрешните политики на политичкиот естаблишмент во тоа време. Нејзе никогаш не ѝ недостигаше причина за отпор и бунт. Таа со своите песни и граѓанско-политичките акции се обидуваше да ги промени работите што не чинеа.
Учествуваше во контракултурното движење на младите и во уметничките комуни и идеи каде што се заговараше радикална промена на општеството и државата. Таа денес вели дека протестните песни од 1960-тите години биле своевиден Интернет, канал за ширење информации, бидејќи идеите тогаш се ширеа преку песни, концерти, фестивали како „Вудсток“ и протестни маршови против војната, против повредата на човековите права, против сегрегацијата и против неправдата. Таа и денес во зрела доба од својот живот е убедена дека бунтовниот дух никој и никогаш не може да го спречи.
Својата музичка кариера ја почна со американска традиционална музика, а нејзините први албуми „Џоан Баез“ (1959) и „Џоан Баез 2“ (1961) ѝ донесоа голем успех. Во 1963 г. ја изведува песната „We Shall Overcome“, чиј автор е Пит Сигер, која стана химна на тогашните генерации, во борба за граѓански права. Тогаш, на сите протестни собири ја пее и незаборавната афроамериканска духовна песна „Oh Freedom“, песна во која доаѓаше до израз нејзиниот моќен глас. Што се однесува до мене, отсекогаш најдобра нејзина песна била потресната „The Ballad Of Sacco & Vanzetti“, за која музиката ја компонирал Енио Мориконе. Оваа песна е невиден микс од ѕвонлив глас, потресен текст и драматични такт и темпо. Така, нејзиниот чист сопран со повремени вибрата (поради кој го заработи прекарот Мадона) и текстовите на нејзините протестни песни, јасно ги канализираа желбата и духот на младите што сакаа да го направат светот подобро место на живеење. „David’s Album“ од 1969 г. е комбинација на граѓански активизам и музичка кариера на млада хероина. Со песните во него таа му даваше поддршка на својот сопруг Дејвид Харис, кој бил затворен поради одбивањето да оди во војна во Виетнам. Албумот содржи претежно кантри-песни во кои провејуваат желбата за слобода, пријателство и пораките со јасен контекст – нема предавање. По заедничките настапи со Боб Дилан, таа го зацементира својот статус на кантри-хероина. Извесно време беше во љубовна врска со Боб Дилан, но тоа беше врска што не траеше долго. Во тоа време таа го компонира својот најголем хит „Diamonds and Rust“ од 1975 година. Во песната е претставен портрет на една жена, која научила дека во животот не можат да се добијат сите битки и поради тоа луѓето треба да се научат да се справуваат и со поразите.
Што да се каже за нејзината музика, нејзините песни и нејзиното пеење? Едноставно дека кристалната чистота на нејзиниот глас одѕвонува уште од 1963 г. на протестниот марш во Вашингтон, па преку легендарниот „Вудсток“, шест години подоцна (1969), преку „Лајв ејд“ во 1985 година, па до протестот против нафтоводот во Дакота, во 1916 година. Едноставно, кога и денес ја слушаме на сцената, таа нѐ потсетува на времето кога ја имавме вистинската музика, кога како млади имавме цел и кога луѓето се имаа едни со други. А денес токму тоа ни недостига – чувството на заедништво. За мене таа е вечна инспирација за ненасилна политичка акција, за граѓанска непослушност, за отпор против диктаторите и режимите. Кога во 2011 година ѝ го доделија францускиот орден на Легијата на честа, за неа ги искажаа најубавите зборови, дека е идол во срцата на сите, кралица на фолкот, на протестната пена, дека со право ја нарекуваат Богородица на сиромашните, Јованка Орлеанка на онеправданите. Важи за многу моќен симбол на слободна жена, силна музичка, женска икона, неуморен борец, вечен активист, пацифист со чувство за правда, вечна инспирација за сите генерации. Сите овие епитети таа со право ги заслужи, свесна е за тоа и многу е во право кога вели дека кога ќе застане на сцена, таа не пишува историја туку дека таа самата е историја.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)