Вистината е чудна работа. Секоја приказна има три лица: првото е мое, второто е ваше, а третото е на самата вистина. Секое од нив е вистинито. За секого од нас, заедничкото сеќавање има поинакво лице. Таков е случајот и со Џим Морисон. Морисон во прв ред себеси се гледаше како писател и филмски режисер. Тој затоа и ги напушти „Дорс“ за да ѝ се посвети на својата поезија. Арно ама за обожавателите беше и остана национален машки секс-симбол. Очајнички сакаше да биде прифатен како некој сериозен, како некој поет и писател. Неколку децении по неговата прерана смрт тоа и се случи. Денес важи за поет, писател и музичар со голем број лица: од светец до ѓавол. Живееше 300 на час. Создаваше убава поезија, пишуваше и изведуваше убави песни и музика, консумираше големи количества алкохол, и по нешто од опојна дрога. На крајот тоа и го уништи. Безмалку секогаш беше замислен и по малку отсутен. Обземен со своите мисли и секогаш претпазлив кога се во прашање другите, особено непознатите за него. Преку својата поезија и однесувањето на бината се обидуваше да се ослободи.

Според Мајкл Меклур, тој беше еден од највозвишените и најчисти духови на нашето време. Подобар поет од него во неговата генерација не постоеше. Поет, јавна личност и истакнат забавувач, кој животот го живееше интензивно и бурно. Контроверзен мислител, филозоф, поет и пејач. Интелигентен човек со блескав ум. Како поет и музичар изгради слободен но свој стил, самосвесен поет и музичар, кој на обожавателите им пееше незаборавни песни. Уште на почетокот на кариерата настапи толку зрело, со боксерски речник кажано настапи во супертешка категорија и стана шампион. Беше и остана осаменик што трага по изгубениот рај. И сега дилемата, што е појако и помоќно: Џим – пејачот или Морисон – поетот. Јас би рекол и едното и другото еднакво. Како поет го потврдуваат неговиот опус „Изгубени песни“: „Дивина“ и „Американска ноќ“, издадени по неговата смрт. И денес ги читаат неговите обожаватели, интелектуалците и универзитетските професори. Во песните содржани во овие книги, преку стиховите во нив, Морисон ни дозволува увид во неговата психа.

Тие се еден вид негово признание и исповед. Во нив, тој прави список на улоги што ги играл јавно на музичката сцена, но и приватно во животот. Метафорично би рекле во суровата „тореадорска арена“ на животот. Така го препознаваме како водач, пејач и лидер на култната и легендарна група „Дорс“. Но и лидер на големиот број обожаватели, кои едноставно паѓаа во транс кога тој ги изведуваше песните на своите концерти. Го гледаме и како и брилијантен поет, на моменти и како шаман со душа на кловн. Тој самиот се изјаснува како исцелител, врач и забавувач. Фигура на сцената од која им се обраќа на обожавателите. За мене тој е дете, чии прародители се битниците. Знаеме, тие сакаа поезијата да ја вратат на улицата меѓу луѓето. Би рекол, успеаја во тоа: го изнедрија Џим Даглас Морисон, докрај несогледлив во својот сјај, непоколеблив во уверувањето дека е ѕвезда, дека во себе слива „чивас регал“, додека во него не се удави. Но и дека за обожавателите секогаш е божествен и ненормално секси. Едноставните наслови на неговите преубави песни, се еден вид знаци и симболи на признание и пријателства што ги доживуваше таа генерација: „Lite my fire“, „Touch me“, „Sheep of fools“, „Riders of the Storm“. А текстовите во нив, се веќе историја на американската музика и поезија.

Денес со сигурност можеме да кажеме дека Џејмс Морисон е поет што има свое место во историјата на американската поезија. Тој е поет на американската иднина и моќ. Како и Гинзберг, Ферлингети и Корсо, тој стана водич на кошмарот на неонскиот свет.

Еден вид бласфемичен свештеник на духовноста, во светот на материјализмот. Поет што сред плиткоумната радосна потрошувачка глорификација на животот ја довикуваше смртта, за некако да ја надмудри и измами. Љубовта и волјата за живот се главното обележје на музичката и поетска кариера на Морисон. Џејмс Даглас Морисон, за нас вистинските љубители на рок-музиката и рок-поезијата, сѐ уште е жив.

Сотир Костов