„Џенерал моторс“ го претстави своето ново лого за кое компанијата вели дека го симболизира нивното преоѓање на електричните возила, пренесува „Си-ен-ен“.
Сега малата буква „м“ потсетува на приклучок за електрично напојување, додека сината боја треба да асоцира на „чисто небо“, истакнуваат од компанијата.
Новото лого и фонтот се осмислени од дизајнерите на „Џенерал моторс“, се вели во соопштението компанијата. Ова е првпат производителот на автомобили значајно да го менува своето лого од 1964 година.
Компанијата исто така најави дека до 2025 година, триесет нови модели на возила на батерии ќе ја видат светлината на денот. Новата кампања, како што соопштија, треба да ја претстави нивната прогресивна визија за иднината.
Кон крајот на минатата година „Џенерал моторс“ објави дека е блиску до откривање на нова батерија, што ќе ја направи цената на електричните возила подеднакво прифатлива како и цената на возилата со мотори со внатрешно согорување, за помалку од пет години. Некои нивни возила ќе можат да поминат повеќе од 700 километри со едно полнење на батеријата и да постигнат забрзување од нула до 100 километри на час за само три секунди.
Компанијата открива дека ќе инвестира 27 милијарди долари во возила на батерии до 2025 година. Инвеститорите на берзите се повеќе се интересираат за компании кои произведуваат електрични возила.
Акциите на „Тесла“ минатата година забележале раст од 800 отсто додека пазарната вредност на таа компанија надмина 800 милијарди долари. Во исто време пазарната вредност на „Џенерал моторс“ се зголемила само малку и изнесува 61 милијарда долари.