„Скопски џез-фестивал 2019“
Музиката има моќ да обединува, да даде надеж, особено на луѓето што се принудени да ја напуштат својата земја поради конфликти или прогони. Кога сѐ наоколу изгледа мрачно, тие во музиката го наоѓаат спасот, вели претставничката на УНХЦР, Моника Сандри
Познатиот американски композитор, гитарист и продуцент Давид Торн, вечерва, во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет, со својот настап ќе го отвори 38-то издание на „Скопскиот џез-фестивал“. По него настапува англискиот гитарист и композитор Фред Фрит со неговото трио.
Фокусот на годинашната програма на фестивалот е одбележување на 50-годишнината од постоењето на германската издавачка куќа „ЕЦМ рекордс“.
– Од деветте групи или изведувачки имиња на главната програма, шест се практично заштитен знак на ЕЦМ, а преостанатите три групи исто така ги конципиравме да бидат во стилот на отвореноста и авангардноста на ЕСМ – рече Оливер Белопета, првиот човек на фестивалот на неодамнешната прес-конференција.
Тој додаде дека фестивалот го задржува концептот што го почна пред неколку години.
– Ние и оваа година го задржуваме нашиот оригинален и храбар пристап кон џезот, со каков што не можат да се пофалат многу други фестивали во Европа. Програмата не се прави за да се приспособи на вкусовите на публиката, туку односот кон публиката повеќе треба да биде од едукативен карактер. Затоа, не очекувајте лесни ноти, нив им ги оставаме на други – додаде Белопета.
На втората фестивалска вечер, на 18 октомври, ќе настапи квартетот на Сократис Синопулос од Грција. Тој е многу познат музичар и професор, кој свири на инструментот што е типичен за јужните делови на Грација – лира. По него ќе го слушнеме Ануар Браем, кој првпат настапува на фестивалот, а е големиот мајстор на арапската лејта, која се вика ут. В сабота од Норвешка доаѓа Јон Балке, со еден од своите многубројни проекти. Оваа вечер ќе има и втор концерт со легендарните „Арт ансамбл“ од Чикаго.
Затворањето на 38-то издание на џез-фестивалот ќе биде на 20 октомври, со француската басистка и композиторка Џоел Леандре, пијанистот Торд Густавсен и Џејмс Брендон Луис, саксофонист од поновата генерација на госпел и блуз-музичарите.
Неофицијалната програма, кој започна синоќа, ја сочинуваат концерти, документарен филм и презентација на книгата на фотографии на словенечкиот фотограф Зига Коритник, а исто така беше доделена и наградата „златен орикс“, за најдобар млад џез-музичар, која годинава ѝ припадна на басистката Андреа Мирческа.
На прес-конференцијата говореше и претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, бидејќи она што оваа година го обележува фестивалот е и соработката со УНХЦР, под слоганот: „Џез-солидарност за беглаците“.
– Музиката и солидарноста секогаш одат заедно. Ниту музиката, ниту солидарноста немаат граници. Музиката има моќ да обединува и говори за добрината во луѓето, таа има моќ да даде надеж, особено на луѓе што се принудени да ја напуштат својата земја поради конфликти или прогони и кога сѐ наоколу изгледа мрачно, во музиката го наоѓаат спасот. Веруваме дека на светот му треба повеќе солидарност, особено на бегалците. Имаме бројка од 70 милиони присилно раселени лица во светот според извештаите од 2018-та, од кои 23 милиони биле бегалци, а половина од нив биле деца – изјави Сандри. Таа додаде дека е благодарна што организаторите веднаш ја прифатиле и поддржале нивната идеја за соработка и што самиот фестивал е препознатлив и надвор од границите на државата, па пораката за солидарност глобално ќе се прошири.