Јапонската компанија „ Сумитомо форестри“ и универзитетот во Кјото ги здружија силите за да го конструираат, како што се надеваат, првиот сателит направен од дрво до 2023 година, објавува Би-би-си.
Компанијата „Сумитомо форестри“ соопшти дека започнала истражување за одгледување на дрвјата и употребата на овој материјал во вселената. Тие ќе експериментираат со различни видови дрвја во екстремни услови на Земјата.
Отпадот во орбитата на Земјата стана голем проблем бидејќи повеќе сателити се испраќаат во атмосферата. Дрвените сателити би гореле без да испуштаат штетни материи во атмосферата, а со тоа и отпадот нема да падне на Земјата.
– Загрижени сме од фактот што сите сателити кои повторно влегуваат во атмосферата на Земјата изгоруваат и формираат ситни честички кои лебдат во горниот дел од атмосферата со години. Тоа на крај ќе влијае на животната околина на Земјата. Следниот чекор ќе биде развој на инженерски модел на сателит, кога ќе го произведеме летачкиот модел – изјави Такао Дои, професор и јапонски астронаут од универзитетот во Кјото за Би-би-си.
Тој ја посетил Меѓународната вселенска станица во март 2008 година. За време на мисијата, Дои стана првиот човек што лансираше бумеранг во вселената, специјално дизајниран за употреба во микрогравитацијата.
Компанијата „Сумитомо форестри“, дел од корпорацијата „Сумитомо“, вели дека ќе работи на развој на дрвени материјали кои се многу отпорни на промени во температурата и сончевата светлина.
Дрвото кое се користи претставува „тајна за истражување и развој“, изјавил портпаролот на компанијата.
Експертите предупредуваат на зголемување на количеството на отпад од вселената што паѓа на Земјата, бидејќи се лансираат се поголем број вселенски летала и сателити. Сателитите сè повеќе се користат за комуникација, телевизија, навигација и предвидување на времето.
Експертите истражуваат различни можности за отстранување и намалување на остатоците од вселената. Во моментов 6.000 сателити кружат околу Земјата, покажуваат податоците на Светскиот економски форум. Приближно 60 отсто од нив се непостоечки, односно со други зборови се сметаат за вселенски отпад.
Истражувачката компанија „Еуроконсулт“ проценува дека секоја година ќе се лансираат по 990 сателити, што значи дека до 2028 година во орбитата може да има 15.000 сателити.
Компанијата „Спејс екс“ на Илон Маск, лансираше повеќе од 900 „Старлинк“ сателити и планира да испрати уште илјада.
Вселенските остатоци патуваат со неверојатно голема брзина од 22.300 километри на час, така што можат да предизвикаат значителна штета на сите предмети во кои ќе удрат. Во 2006 година мало парче отпад се судрил со Меѓународната вселенска станица година, при што предизвикало оштетување на заштитен прозорец.