фото: „Чарли“

Победник на 24 издание на Интернационалниот фестивал на забавни мелодии „Еврофест 2020“ е Ѓоко Ѓорчев. Тој ја отпеа баладата „Нека е вечна љубовта“ и по третпат стана добитник на највисокото признание на фестивалот „гран при“. Првата награда ја добил 2000 година за песна на Григор Копров „Се што сакаш“, а второто признание во 2018 година за мелодија на Сашо Георгиев со наслов „Те сакам“.

– Пред еден месец ми се јави Костадин Костадиновски и ме замоли да настапам на „Еврофест“, но јас го одбив, бидејќи уште пред две години реков доста е со фестивалите, младите нека се докажуваат. Но тој многу настојуваше и ми рече: „Ѓоко сакам да отпееш моја песна, те почитувам како врвен вокал и како човек, немој да ме одбиеш“. Прифатив најмногу поради тоа што Костадин е голем ентузијаст, кој и покрај своите 83 години и во време на пандемија, ете успеа да организира фестивал. Секоја чест за него, тој е голем музички стручњак, признат музиколог, и целиот живот и го посветил на музиката. Инаку, „Нека е вечна љубовта“ е една емотивна балада, а јас ја интерпретирав онака како што ја доживеав, искрено и на мој начин. Аранжманот го направи мојот другар, човекот кој ме придружува на моите концерти во последно време со неговиот бенд, музичарот Филип Стевановски, за што беше и награден – ни рече Ѓоко Ѓорчев.

Тој освен во натпреварувачкиот дел, заедно со Катерина Таневска го отпеа евергринот „Последниот танмц“, во категоријата Победници на фестивали, модифицирана варијанта на вечерта Победници на европски фестивали, што поради пандемијата не можеше да се одржи годинава.

А што се однесува до неговите моментални преокупации, деновиве го завршува снимањето на спотот за евергринот „Земјо моја“, заедно со Кате Таневска, сопранот Кристина Палија и Ирена Стевановска, а новиот аражман го направи Филип Стевановски.

– Во завршна фаза е и мојот студиски албум со работен наслов „Дуети“, на кој ќе се најдат големи светски евегрини и македонски песни, кои ги исполнувам заедно со мои драги колешки. Тоа ќе биде мојот осми студиски албум. Ете, и во ова тешко време работам и на моите фанови и пријатели во цела Македонија сакам преку моите песни да им го одвлечам вниманието од секојдневието и да им порачам дека животот продолжува и оти сето ова ќе помине, а песните засекогаш ќе останат. Мојата публика, која ме поддржува цели 30 години го заслужува тоа – вели годинашниот победник на „Еврофест“.

На фестивалот, на кој своевремено своите први чекори на естрадата ги направи и Тоше Проески со песната„ Сонце во твоите руси коси“, а Маја Оџаклиевска го испеја мегахитот „Многу солзи“, годинава во натпреварувачлкиот дел настапија и: Сашо Николовски, Душко Пуцковски, Серафина Фантаузо, Филип Јанкуловски, групата „Интервали“, Јулија Мациевска, Мирче Чучков и Благица Павловска, која заплови и во забавните води.

Во категоријата победници на фестивали, меѓу другите ги слушнавме: Лени Партикова, Блага Петреска и Мери Тодорова Младеновска. Исто така нејзината песна „Лоша навика“ што лани ја испеја на „Еврофест“ беше прогласена за најслушана песна меѓу два фестивали.

– Во овие тешки денови не беше лесно сето ова да се организира, со оглед на посебните протоколи и намалениот број посетители во салата, но се добро заврши, организацијата беше одлична, а посетителите задоволни – велат организаторите.

Водителки беа дамите кој на своевиден начин се заштитен знак на фестивалот: пејачката Јулија Мациевска и Катерина Стојановска Десковска, која од првиот ден е дел од овој фестивал.

Фестивалската програма е снимена и ќе се емитува в сабота на програмата на ТВ Сонце.

М.Т.