Mamma Mia! Here we go again… АББА најави нова музика и нивниот кам-бек не е возбудлив само за оние кои им беа обожаватели кога царуваа на топлистите туку и за помладите генерации.
„Аба ја спаси 2021 година“, „Најдобра вест досега“ „Вие ми го спасивте животот“, „Плачам од среќа“. Ова се само неколку од коментарите под видеото што го објави Бени Андерсон на „Тик-ток“, а во кoe свири инструментална пијано-верзија на една од новите нумери.
Шведските поп легенди се приклучија на оваа социјална мрежа – чии корисници се главно помлади од 30 години – минатиот понеделник, неколку дена пред многу очекуваната најава за нова музика.
За помалку од пет дена, нивниот официјален профил на Тик-ток собра милион следачи, а деветте видеа што ги споделија досега се прегледани речиси 30 милиони пати.
– Јасно е од огромниот број креации и прегледи на видеа дека нашата заедница во светски рамки има толку многу љубов кон бендот и нивниот звук – вели Пол Хурикан, шеф на музичките операции на Тикток во Велика Британија.
Само неколку уметници имаат музика која е навистина безвременска, и која останува свежа и брилијантна и убава 40 или 50 години како и на денот кога била првпат објавена. АББА се многу блиску до врвот на таа листа, коментираат светските медиуми.
Додека некои од новата генерација фанови го открија бендот на социјалните мрежи, Тикток #DancingQueenChallenge имаше повеќе од 160 милиони прегледи претходно годинава. Многумина се навлекоа на музиката на своите родители или се вљубија во неа преку Mamma Mia! филмови и сценски претстави.
Шведските поп-легенди минатата недела најавија нов албум по четири децении и открија дека следната година во Лондон ќе одржат серија виртуелни концерти користејќи ги своите дигитални аватари, кои медиумите веднаш ги крстија „Аббатари“.
Ќе користат дигитална технологија слична на холивудската CGI за создавање на „АББА-тари“ (ABBAtars), со нивниот изглед кога беа на врвот на топлистите ширум светот.
Фановите се огласија на социјалните мрежи за да ја прослават долгоочекуваната вест за обединувањето на еден од најуспешните светски бендови.
– 2021 е спасена со новата музика на Abba – напишаa колеги музичари во широко споделена објава на Твитер.
Албумот „Војаж“ ќе излезе на 5 ноември, соопшти бендот, и објави две од десетте нови песни – I Still Have Faith In You и Don’t Shut Me Down.
Концертите ќе се одржат во специјално изградена за нив АББА арена во лондонскиот Олимписки парк „Кралица Елизабета“ во мај следната година. Тоа всушност ќе бидат дигитални верзии на четирите sвезди, Агнета Фалцког, Бјорн Улвеус, Бени Андерсон и Ани-Фрид Лингстад – револуционерно концертно искуство.
„Абатарите“ се создадени со употреба на технологија слична на онаа што се користеше во серијалот филмови „Господар на прстените“ – и ќе ги покажат членовите на бендот како изгледаа во 1979 година. Тие нема да бидат холограми, велат од бендот.
АББА е основана во раните 1970-ти години од тогашните парови Агнета и Бјорн и Бени и Ани-Фрид. Нивните иницијали го дадоа името на бендот.
Продадоа повеќе од 385 милиони примероци од нивните албуми и беа на врвот на топ-листите од Австралија до Америка со низа хитови како Waterloo, Dancing Queen, Take A Chance On Me, I Have A Dream…